ЕУ ги укинува ограничувањата за увоз на храна од Јапонија воведени по катастрофата во Фукушима


Европската унија ги укина ограничувањата за увоз на храна од Јапонија, воведени по несреќата во нуклеарната централа Фукушима, барајќи од Токио да објави податоци за можна појава на радиоактивни материи по испуштањето на загадена вода во морето. ЕУ го ограничи увозот во 2011 година, барајќи тестирање на храна пред извоз за можна радиоактивност.

Во 2021 година, тие го ограничија тестирањето само на диви печурки, некои видови риби и јастиви диви растенија од 10 јапонски префектури. На крајот на минатата недела, тие ги укинаа сите ограничувања „поради позитивните резултати од контролата на производите спроведени од јапонските власти и членките (ЕУ)“, се вели во соопштението.

Проверка на можна појава на радионуклиди

„Од јуни 2011 година, ЕУ строго го ограничи присуството на (радиоактивни материи) во храната од Јапонија на максимум 100 бекерели по килограм, оцени Комисијата.

Тие сепак нагласија дека „важно е јапонската влада на местото на испуштање на пречистената вода (од Фукушима) да продолжи да ја следи (можната) радиоактивност во домашното производство, особено кај рибите, рибните производи и алгите“.

Проверката треба да биде фокусирана на можна појава на радионуклиди, вклучително и тритиум, забележуваат во Брисел, порачувајќи им на јапонските власти дека резултатите од проверките мора да бидат достапни на јавноста.

Кина најави построги контроли на увозот на храна од Јапонија

Јапонија ќе започне со испуштање на загадена вода од Фукушима во август, по филтрација која треба да ги отстрани повеќето радиоактивни елементи, со исклучок на тритиумот. Неговото присуство во вода треба да се намали далеку под нивото дозволено со меѓународните стандарди.

Кина најави дека ќе ги заостри контролите на увозот на храна од Јапонија и ја продолжи забраната за увоз на морска храна од 10 јапонски префектури поради можни ризици по здравјето на луѓето и животната средина, при што Хонг Конг ќе се приклучи.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во исто време минатиот четврток, по состанокот со јапонскиот премиер Фумио Кишида, рече дека двете страни одлучиле да работат на укинување на јапонските ограничувања за увоз на говедско месо, овошје и зеленчук од ЕУ. Јапонија ќе донесе одлука заснована на науката, како што тоа го направи ЕУ, нагласи Кишида.