ЕУ ги координира рестрикциите на движењето во пресрет на вториот бран

Земјите членки на ЕУ претпладнево ја усвоија препораката на Европската комисија за координирање на рестрикциите врз слободното движење, но овие препораки не се обврзувачк.

Поради вториот бран на Ковид-19 што се заканува да ги затвори повторно границите во Европската унија, земјите членки денеска се договорија за заеднички критериуми за ограничување на слободата на движење.

Станува збор за заедничка картографија со која се идентификуваат ризичните зони во ЕУ и се темели на податоците на Европскиот центар за спречување на инфекции.

Секоја недела, земјите членки на ЕУ треба да го информираат Центарот за бројот на новозаразени од Ковид-19 во последните 14 дена, бројот на тестови и бројот на позитивни случаи (стапка на позитивност).

Врз основа на овие информации Центарот ќе објавува мапа на регионите на ЕУ во четири бои: зелена за најнизок ризик, портокалова за среден, црвена за висок ризик и сива за недоволни податоци или стапка на тестирање под 300.

Регионите во зелено не треба да ја ограничуваат слободата на движење, додека портокаловите и црвените зони може да воведат рестрикции на пропорционален начин, препорачува Европската Комисија. Таа додава дека не смее да се забранува влез во земја членка на ЕУ, но може да се воведат мерки како карантин и/или задолжително тестирање.

Препораката усвоена денеска исто така посочува дека земјите членки треба да информираат за секаква промена во епидемиолошката состојба и рестриктивните мерки во рок од 48 часа.

Останува дека оваа препорака не е обврзувачка за земјите членки на ЕУ и дека не може да се исклучи повторување на ситуацијата од првиот бран кога некои земји целосно ги затворија своите граници за други државјани на ЕУ.