ЕУ експертите согласни: Француското вето е дел од битката за моќ на Макрон во ЕУ


По шокот со француската блокада за почеток на преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија, институтите и тинк тенк организациите во Брисел сѐ уште ги анализираат причините и последиците од неочекуваното вето на францускиот претседател Емануел Макрон.

Но, за едно се сите согласни, одлуката на Макрон „во ниту еден случај не е поврзана со Северна Македонија и Албанија, ниту со Западниот Балкан како регион“, вели во разговор за МИА Роза Балфур, аналитичарка во Германскиот Маршалов Фонд (ГМФ) и експерт за политиката на проширување и институционалните прашања.

– Сметам дека проблемот не е Балканот, ниту јавното мислење во Франција за проширувањето, туку односите меѓу Франција и Германија и потребата ЕУ да отвори дебата за тоа каде ја гледа својата иднина, оттаму доаѓа францускиот став, вели Балфур.

Една од најважните работи за францускиот претседател, според неа, и судејќи по еден од неговите први говори кога седна во претседателската фотелја, е реформа на Еврозоната, на која Париз гледа „поамбициозно“ од Берлин.

– Макрон сака реформа, во ЕУ тој сака да добие заложба од Германија за реформирање на Еврозоната на пример, сака заложба за продлабочување на ЕУ, неговиот аргумент е дека треба прво да се направи  тоа пред да се проширува (Унијата), а реформата на Еврозоната во овој момент не се случува, многу од неговите предлози не се остваруваат, Северна Македонија на некој начин е жртва на отсуството на реформа на Еврозоната, објаснува Роза Балфур, додавајќи дека аргументот за „зајакнување на единството пред да се проширува останува стратешка грешка“ со која таа не се согласува.

На слична линија се наоѓа и аналитичарот Тоби Вогел, експерт за Балканот во тинк тенкот Совет за политика на демократизација (ДПЦ).

– Мислам дека станува збор за улогата на Франција во ЕУ по Брегзит. Француски обид да се зафатат со темата проширување, за која и всушност нема големи битки, затоа што не е навистина приоритет. Да, Германија е најголем поборник за проширувањето, но лидерскиот стил на (германската канцеларка Ангела) Меркел не е да се биде гласен за тоа, вели Вогел кој, како Балфур, смета дека проширувањето и Македонија, не претставуваат проблем за домашното јавно мислење во Франција.

Вогел тврди дека Макрон сега сака да се позиционира како лидер во Европската Унија. Меѓутоа, додава аналитичарот, францускиот претседател сѐ уште не го разбира доволно начинот на функционирање на ЕУ.

– Макрон не е некој што гради сојузи, не е некој што се грижи за тоа дали гради мостови со оние кои не се согласуваат со него, а во контекст на ЕУ работите не функционираат така. Секоја земја има номинално иста тежина колку неговата, и го видовме тоа со неговиот прв избор за еврокомесар кој не успеа, ова е поврзано со неговиот стил на лидерство. Тој, исто така, е гневен што неговиот предлог за реформа на Еврозоната не покрена реакција од германска страна и не би бил изненаден доколку неговата иницијатива да го блокира проширувањето е одговор на тоа, анализира Тоби Вогел.

И покрај ова, она што е важно за аналитичарката од ГМФ, е во Северна Македонија да се задржи оптимизмот и покрај разочарувачката одлука на Европскиот Совет и на предлозите на Емануел Макрон да се гледа од позитивен агол.

– Не сакам да го правдам Макрон, но сакам да излезе позитивна порака од сето ова. Не се работи за Северна Македонија и Албанија тука, иако некои земји имаа посуштински забелешки за Албанија, туку станува збор за тоа да се натераат другите лидери да се фокусираат на насоката на европската интеграција и што е најважно, сметам дека ако тоа се случи, Макрон ќе се откаже од ветото, вели Роза Балфур.

Според неа, можно е да е доволна само „мала промена“ во процедурите за да се задоволат барањата на Париз.

– (Макрон) може да каже: ќе се откажам од ветото, ако прифатите да зборуваме за Унијата на капиталниот пазар. На пример, тој сака да ја наведе Германија посебно на тоа што треба ЕУ да го промени одвнатре за да ја зајакне својата меѓународна улога, додава Балфур.

Но, признава таа, со ветото зз Северна Македонија и Албанија, токму таа улога и кредибилитетот на ЕУ сериозно се оштетуваат.

За кредибилитетот на ЕУ во регионот загриженост изразува и Вогел.

– Не сум толку загрижен за можна дестабилизација, она што е најзагрижувачка реалистична последица е домашниот застој во сите земји, а француската позиција де факто го поткопува зборот на ЕУ, како ќе можете вие утре да отидете во Скопје или Тирана и да барате судски реформи, искоренување на корупцијата?, прашува аналитичарот.

Друга загрижувачка перспектива е какви предлози ќе се стават на маса за проширувањето генерално во ЕУ и какви последици ќе има француското вето врз оваа политика на Унијата, која, парадоксално, е и една од најуспешните европски политики.

– Мислам дека е реален ризикот оти членството на регионот во ЕУ нема никогаш да се случи,  но градењето стратегии во ЕУ се прави постепено. Во наредните месеци нема да има голема изјава со која му се става крај на проширувањето, меѓутоа де факто не гледам реалистична перспектива за Косово сѐ додека пет земји не го признаваат, ниту за Босна и Херцеговина од која се бараат суштински уставни промени за да започнат преговорите за членство, а никој до сега во БИХ не бил способен да го стори тоа. За овие две земји не гледам реална перспектива освен на многу долг рок, а потоа ја имаме блокада на Северна Македонија и Албанија, така што смета дека е реален ризикот оти процесот на проширување нема да доведе до полноправно членство во ЕУ, вели Вогел.

Балфур, од своја страна, гледа со малку повеќе оптимизам кон можна трансформација на процесот по логиката на поранешниот претседател на Европската комисија, Жак Делор, кој замислуваше Европска унија со повеќе брзини.

Еден од предлозите кои кружат во експертските тинк тенкови во Брисел е земјите од регионот да се зачленат во одредени структури на ЕУ или да имаат пристап до одредени фондови поврзани за одредени политики без притоа да бидат полноправни членки.

– Таа „диференцијација“ не мора да е лоша вест. Прашањето е во кои делови би се зачлениле земјите од Западниот Балкан. Би станувало збор за секторно членство и тоа не мора да е лошо за регионот, затоа што може да спречи застој, додава Балфур.

Двајцата експерти се согласни дека сепак општествата во регионот во последните години се покажаа многу поотпорни отколку што многумина во ЕУ мислат и никој не предвидува за опасност од сериозно насилство и дестабилизација.