ЕУ денеска го почна процесот за реформи за да може да се проширува

На министерскиот состанок во шпанскиот град Мурсија усвоени се заклучоците за реформите на ЕУ за кои ќе расправаат европските лидери на самитот на 6 октомври


Хозе Мануел Албарес и Оливер Вархеи

 

Европската унија денеска ја помина првата фаза од проектот за реформи на блокот за да може тој да прими нови членки со измена на некои одредби за одлучување, како и финансирањето. На состанокот во јужниот шпански град Мурсија, министрите за европски прашања на ЕУ ги усвоија заклучоците за кои ќе одлучува самиот на европските лидери на 6 октомври во Гранада под шпанско претседателството. И денешниот состанок на министрите и самитот го имаат квалификатиот неформални. Ден пред европскиот самит ќе се одржи и самитот на Европската политичка зедница, исто во Гранада.

На министерскиот состанок беше и комесарот за проширување, Оливер Вархеи, кој на прес-конфренцијата изрази големо задоволство од заклучоците што биле донесени.

„Сега се движиме кон акција“, рече Вархеи. „За лидерите на ЕУ проширувањето е меѓу трите врвни приоритети и вредноста на членството во ЕУ никогаш не била поголема од сега“. Потсетувајќи на изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Вархеи рече дека со забрзаните реформи ЕУ може да биде подготвена за прием на нови членки во 2030, но прашање е дали кандидатите ќе бидат подготвени за членство.

„Она што е многу важно е да се активираат сите алатки за да се оствари проширувањето. Значи, Европската комисија сега се концентрира на тоа како да ги испорача барањата поднесени денес. Како да се стави постепената интеграција на маса, да се забрза патот до членството и на ова работиме.

Но има порака од претседателот на Европскиот совет, кој е убеден дека Советот, кој е орган на одлучување, треба да биде подготвен да испорача членство, нови членки во Европската унија до 2030 година. Ако Советот е подготвен, Комисијата сигурно ќе биде подготвена. Но, мислам дека ова не е вистинското прашање. Вистинското прашање е дали земјите кандидати ќе бидат подготвени до 2030 година? Работиме на тоа да помогнеме Советот да биде подготвен, а исто така и земјите кандидати да бидат подготвени“, нагласи комесарот за проширување.

Но тој рече дека дека проширувањето продолжува да биде процес заснован на заслуги, „што значи дека нашите земји кандидати, нашите партнери, исто така, треба да ги исполнат сите критериуми за да станат членки“.

Вархеи онајави дека за неколку недели Комисијата ќе објави план за забрзана интеграција  и раст на Западен Балкан кој ќе се заснова на четири столба.

Министерскиот состанок на ЕУ во Мурсија

Според него, ова се тие четири столба:

„Прво, да се притисне и да се создадат стимулации за зајакнување на социо-економските реформи за да се зајакне растот и преку тоа да се забрза пристапниот пат на регионот. Второ, сакаме да создадеме можност за постепено интегрирање на овие земји на единствениот пазар затоа што тоа ќе биде во корист и на Европската унија и на земјите кандидати. Третиот столб на оваа работа би бил и зајакнување на нашата работа во однос на реформите за владеење на правото и демократијата. И четвртиот столб, сакаме да ги обезбедиме потребните алатки за да се затвори економскиот и социјалниот јаз многу пред пристапувањето“, го објасни планот на Европската комисија Оливер Вархеи.

Во име на шпанското претседателство, министерот за европски работи Хозе Мануел Албарес рече дека состанокот во Мурсија бил организиран во три работни групи кои се занимавале со следните аспекти: последиците од евентуалното проширување на политиките на ЕУ, концептот на постепена интеграција и, според тоа, институционални реформи кои треба да се направат.

Според него, за време на состанокот европските претставници најмногу размислувале за буџетските импликации што ќе ги донесе проширувањето на ЕУ на повеќе од 30 земји-членки и за институционалните реформи кои би биле неопходни.

Основа за расправата на европските министри беше документот предложен од Франција и германија, а изготвен од 12 европски експерти кои предложија модел на Европа од четири концентрични кругови. Во овој модел Македонија би се нашла во третиот круг.