ЕУ денес ќе даде над три милијарди евра помош за регионот


Премиерот Оливер Спасовски денес ќе учествува на видео самитот ЕУ-Западен Балкан, именуван како Загребски, за да се одбележи хрватското претседателствување и фактот дека за првпат во овој формат се одржа самит во хрватската престолнина. Главна тема на самитот ќе биде помошта што ЕУ ќе ја даде на регионот за да се справи со кризата со коронавирусот, која со пакетот за економска обнова ќе изнесува 3,3 милијарди евра, од кои над 250 милиони неповратна помош само за Македонија, плус кредити.

На самитот ќе биде усвоена декларација во која ќе стојат очекувањата на ЕУ од земјите во регионот во однос на доброто владеење, корупцијата, владеењето на правото, организираниот криминал, билатералните спорови и слични пораки кои се константа на ваквите самити за регионот. Известувачите од Брисел јавија дека самитот ќе биде фокусиран на економската обнова на регионот и ќе го избегне проширувањето, поради оценката дека по давањето преговори на Македонија и Албанија таа тема е исполнета, па многу поургентно е справувањето со економските последици од кризата. 

-Идејата е да се потврди уште еднаш ЕУ перспективата на регионот, ние тоа го правиме со нашите партнери. Фактот што имаше одлука за Северна Македонија на 26 март јасно покажува дека ЕУ перспективата е главен поттик за реформите кои се од бенефит за сите граѓани, покажавме дека испорачуваме кога нашите партнери испорачуваат. Не разговараме за проширувањето, од една страна затоа што Ковид-19 е главна тема, но тоа не значи дека процесот се прекинал, процесот ќе продолжи на следната средба на Советот за општи работи во јуни, и ќе напредува. Сметавме дека има специфична тема на која треба да се фокусираме, изјави висок ЕУ дипломат инволвиран во подготовката на самитот.

Трите милијарди евра што ЕУ ги најавува за регионот ќе бидат предмет на строг надзор од страна на ЕУ институциите.

-Ве уверувам дека секоја транша е предмет на многу строга ревизија и контролни механизми и доколку има и најмал сомнеж за потенцијална злоупотреба на фондовите, ќе отвориме истрага која може да доведе до кривичен процес. Фондовите на ЕУ се поврзани за многу строги услови, изјавија од Европската Комисија.

Иако начелно регионот беше исклучен од повеќето фондови и механизми за помош, Европската Унија се коригираше, па така од крајот на април земјите од регионот не треба повеќе да бараат посебни дозволи за увоз на медицинска опрема потребна за борбата против вирусот. Ова беше одговор на бројни критики, посебно во Србија, каде претседателот јавно изрази незадоволство од тоа што ЕУ помага помалку од Кина во неговата земја.

-Видовме проблеми во комуникацијата, се генерираа и ширеа лажни обвинувања за пријателството меѓу ЕУ и земјите од регионот, лидерите треба да се усогласат во пораките и треба да се спротивставиме на погрешната концепција за нашите односи, изјави висок ЕУ дипломат.