ЕУ чека САД да покажат подготвеност за фер и балансирано решение за царините

Европската Унија јасно стави до знаење дека е подготвена да разговараа со САД за изнаоѓање заемно корисни решенија за трговските односи, со почитување на европските интереси и регулаторна автономија, но останува на Вашингтон да покаже подготвеност за постигнување фер и балансирано решение, изјави еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчович во обраќањето на дебата во Европскиот парламент посветена на одговорот на Унијата на царините и трговските мерки воведени од страна на Американската администрација.
– За да ги започнеме овие преговори, ја разгледуваме можноста за намалување на бариерите, а не за нивно зголемување, вклучително и преку предлагање договор за „нула-за-нула царини“ за сите индустриски стоки, вклучително и за стратешките индустриски сектори како што се автомобилите и автомобилските делови, за заедничко решавање на глобалната пазарна заситеност во стратешките индустриски сектори, како што се челикот и алуминиумот, за заедничко зголемување на отпорноста на синџирите на снабдување во сектори како што се полупроводниците и фармацевтските производи, за обезбедување на трансатлантската трговија без бариери и за заживување на нашата соработка, додаде Шефчович.
Тој, потсети дека како одговор на одлуката на САД за привремено намалување на своите дополнителни царини од 20 на 10 отсто, ЕУ реши да ги „паузира“ своите мерки за ребалансирање на царините за челикот и алуминиумот за 90 дена, давајќи простор за преговори.
Шефчович истакна дека увозните царини што ги воведе Американската администрација се неоправдани и предизвикуваат економска штета од двете страни на Атлантикот, ги нарушуваат синџирите на снабдување, влијаат на глобалните пазари, им нанесуваат штети на компаниите, работниците и земјоделците и во од ЕУ и во САД, создаваат неизвесност за трансатлантските инвестиции и ги зголемуваат цените и инфлацијата.
Според Шефчович, доколку САД воведат царини во сите сектори за кои во моментов се вршат проценки, како дрвата, фармацевтските производи, полупроводниците, ретките минерали, камионите и делови за камиони, тогаш предмет на оцаринување ќе биде 97 отсто од вкупниот извоз на ЕУ на американскиот пазар.
– Оваа ситуација е неприфатлива и не можеме да си дозволиме да останеме неактивни, додаде Шефчович.
Тој нагласи дека со текот на годините ЕУ и САД ги изградија најобемните билатерални трговски и инвестициски односи во светот, при што тие се убедливо најважните и најголемите економски партнери, со трговска размена која во 2023 година достигна 1.700 милијарди евра. Дополнително вкупните билатерални инвестиции во акции достигнаа 5.300 милијарди евра во 2022 година, а компаниите од ЕУ се најголемите странски инвеститори во САД со директни инвестиции од 2.700 милијарди евра.
– Трговијата и инвестициите меѓу Европската Унија и САД се клучни за изградба на нашиот заеднички просперитет, технологија и истражувачки можности и остануваат фундаментални за нашата економска безбедност. Значи, очигледно е дека имаме заеднички интерес за негување и понатамошен развој на нашите економски врски и за зајакнување на нашите односи, додаде Шефчович.
Тој најави дека покрај на ова, ЕУ ќе е насочена и кон диверзифицирање на трговските и инвестициските врски со партнери од целиот свет, преку максимално користење на постојните трговски договори со 76 земји и постигнување нови спогодби.
– Земјите од целиот свет ја гледаат ЕУ како доверлив, сигурен и предвидлив трговски партнер. Во сегашното глобално опкружување, во интерес на сите е да ја прошират својата мрежа и да ги зајакнат своите снабдувачки канали. За нас, тоа е предуслов да најдеме нови пазари за нашите извозници и нови извори на увоз, рече Шефчович.
Тој додаде дека САД претставуваат 13 отсто од глобалната трговија, па ЕУ не смееме да ги заборави преостанатите 87 проценти и треба да ги искористи и прилагоди на сопствените и на потребите на нејзините партнери, опфаќајќи специфични сектори и продлабочувајќи ги билатералните односи.
– Ова е време да дејствуваме, без двоумење, во интерес на ЕУ и кон нашата цел за одржување силна и конкурентна економија, како и кохезивно општество, истакна Шефчович, додавајќи дека од витално значење за тоа е одржување на единството во Унијата.