ЕУ бара да се изберат судии во Уставниот суд на Црна Гора


Црна Гора– Европската унија синоќа ги повика сите политички актери во Црна Гора итно да преземат активности за да се обезбеди функционирање на Уставниот суд и да се укинат измените на Законот за претседател.

Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, истакна дека од витално значење е сите во Црна Гора да покажат максимална воздржаност и да се воздржат од понатамошни провокативни дејства. Таа изјави дека Црна Гора пропуштила уште една можност да именува членови на Уставниот суд и да стави крај на институционалната криза.

„Целосно функционален Уставен суд составен од компетентни членови е клучот за Црна Гора да ги заштити основните права на своите граѓани и да напредува на европскиот пат“, напиша таа на Твитер.

Амбасадата на САД во Подгорица повика на итно враќање на мирниот и конструктивен дискурс.

„Ги повикуваме сите црногорски лидери и граѓани да ги продолжат разговорите и да најдат мирни решенија за политичките проблеми“, објави Амбасадата на својот профил на Твитер.