ЕУ ѝ даде на Бугарија 1,2 милијарди евра за ослободување од јагленот


 

Во четвртокот Европската комисија ги одобри територијалните планови за трансформација на јагленовните региони Стара Загора, Перник и Ќустендил, со што ефективно се отклучи пристапот на Бугарија до 1,2 милијарди евра за финансирање проекти за климатска транзиција на сегашните индустрии кои го загадуваат воздухот.

Одобрувањето доаѓа во последен можен момент пред Бугарија да ја изгуби својата шанса да има корист од грантовите. Бугарија е последна во ЕУ со одобрени вакви планови, против кои рударите и оние кои работат главно во државните капацитети за јаглен протестираа многу пати со блокади на патишта. Но, власта не попушти во нивните барањаи стигна финансирањето од ЕУ за Бугарија.

Средствата се за отворање нови работни места и економски активности во трите региони кои се економски најзависни од ископ и согорување јаглен. Ќе се поддржи преквалификацијата и усовршувањето на над 15.000 работници во трите региони. Дополнително, ќе се санираат 2.190 хектари земјиште за развој на индустриски зони и изградба на капацитети за обновливи извори на енергија.

Предвидени се и мерки за енергетска ефикасност во станбените згради насочени кон енергетски сиромашните домаќинства и ранливите потрошувачи, кои ќе помогнат во справувањето со енергетската сиромаштија. Ќе се поддржи и создавањето заедници за обновливи извори на енергија, со што ќе се намали потрошувачката на енергија.

Во трите региони ќе се формираат локални поткомитети со поддршка на Фондот за праведна транзиција на ЕУ, од кој се распределуваат средствата. Финансиската поддршка за сите проекти ќе биде предмет на детална експертска евалуација како дел од процедурите за отворена конкуренција, додава бугарската влада.