Естонија ќе има буџетски дефицит од 10 отсто во 2020


Номиналниот дефицит на државниот буџет во Естонија за 2020 година ќе биде 10,1 отсто од бруто домашниот производ по додатоците во буџетот поврзани со корона вирусот, соопшти пред некој ден нејзиниот министер за финансии.

„Нашиот долг ќе биде барем двојно зголемен, но сепак ќе биде најнизок во еврозоната, дури и кога не вклучува мерки што другите земји ќе ги преземат во криза“, рече министерот Мартин Хелме на прес-конференција, пренесе Ројтерс.

Владата неодамна го претстави во парламентот ажурираниот буџет за 2020 година со пакет мерки во вкупен износ од 2,6 милијарди евра – еквивалентно на девет отсто од БДП на земјата – вклучувајќи кредитни гаранции и директна поддршка на проблематичните сектори.

„Во економијата се соочуваме со тешки времиња“, рече премиерот Јури Ратас на прес-конференција. „Ова е моментот во економијата кога јавниот сектор дојде да помогне“.

Естонија очекува БДП да падне за дури осум отсто оваа година заради корона вирусот.

„Ако мерките функционираат, се надевам дека падот ќе биде само половина од тоа“, рече министерот за финансии Хелме.

Според последните финански показатели, бруто домашниот производ за 2019 година пораснал за 4,3 отсто, што значи дека падот од осум отсто во 2020 би бил огромен удар за економијата. Бруто домашниот производ на балтичката земја со 1,3 милиони жители во 2019 година изнесуваше 31,3 милијарди долари.

Во меѓувреме, владата на Естонија ги одобри измените на законот за странци, со кои странците кои ги загубија работните места мора да ја напуштат Естонија што е можно поскоро.