Интервју со Игор Есмеров: ВМРО е безопасно маче во скутот на Мицкоски
Најразочарувачки од сѐ е тоа што партиските интелектуалци молчат, членството е тивко и уплашено, а молчат и пратениците, гледајќи како ВМРО се распаѓа за сметка на градењето на еден нов политички субјект во името на Левица, вели во интервју за „Независен“ Игор Есмеров
Слободанка Јовановска
Христијан Мицкоски бара предвремени избори, а моли да не ги добие, оценува членот на ВМРО-ДПМНЕ и екс-амбасадор на Македонија во Унгарија, Игор Есмеров. Според него, народот не гледа веќе алтернатива во оваа партија на лошите политики на СДСМ, но пратениците и партиските интелектуалци молчат, а членството е тивко и уплашено гледајќи како ВМРО се распаѓа за сметка на градењето на еден нов политички субјект во името на Левица. ВМРО, вели тој во интервју за „Независен“, е како безопасно маче што спие во скутот на Мицкоски, а неговите досегашни политики навестуваат пораз, уште повеќе што партијата има проблем да најде луѓе кои би се кандидирале под нејзиното знаме.
Тој би се извинил за настаните на 27 април, ако тоа може да помогне.
„На 27 немаше политичко партиско организирање од страна на ВМРО, но повеќето од учесниците на тие протести беа наши членови и симпатизери. Можеби има одговорност во однос на поттикнувачката реторика во деновите пред настанот и за тие вулгарни говори треба да има извинување. Сепак, мојата заложба е да си пружат рака СДСМ и ВМРО и да се договорат за стратешките интереси на државата, да не се гледаат душмански и преку нишан, туку да се обидат да се разберат меѓусебно како политички неистомисленици“, нагласува Есмеров.
Неговите очекувања се дека Мицкоски ќе го бојкотира пописот, а договорот што тој би го потпишал наводно со Бугарија ако дојде на власт би бил полош од сегашниот, бидејќи овој сега ги штити јазикот и идентитетот.
Политички и во секој друг аспект се простивме од една многу тешка година. Дали беше тешка само заради околностите или и сами придонесовме за тоа? Што очекувате за годинава?
А кога на Балканот имало лесна година? Сите години биле тешки, колку поради континуираните економски кризи, толку и поради комплексноста и не решавањето на политичките прашања. Сепак тежината оваа година беше неколку кратно зголемена поради пандемијата која го изненади целиот свет, која го смени начинот на секојдневно живеење, економиите паднаа и се воспоставија кризни механизми. Истото се случува секаде во светот, па и ние не сме исклучок. Мој впечаток е дека секогаш постои начин да се додаде вредност на нештата, па во тој контекст убеден сум дека и со оваа криза подобро можевме да се соочиме доколку двата политички блока седнеа на маса со цел да се договорат да нема разногласие околи начинот на спроведување на кризните мерки, разногласието околу тежината на самата болест и обемот на пандемијата итн.
Вие знаете дека одредени медицински лица укажуваа дека се работи за малку опасен вирус и разни други глупости кои беа во насока на олабавување на мерките и храбрење на граѓаните дека не постои епидемија. Забелешките кон владата се исто така големи и се однесуваат на причините поради кои дозволи тестовите во приватните лаборатории, а чија што набавна цена и манипулативни трошоци чинеа 5-6 евра да се наплаќаат по цена од 70-100 еура. Тука владата мораше да настапи со задолжителна цена на тестирање, а која не би надминувала 15-20 евра. Овие енормно високи цени буквално го изнемоштија народот. Исто така имам забелешки кон приватните клиники. И тука владата требаше да завземе став за регулирана цена на услугите. Цената за еден ден лекување во приватна клиника достигнува и до 1.300 евра. Тоа се неоправдани и недозволиви цени во една ваква глобална криза која слободно може да се спореди со полувоена состојба.
За жал, за оваа година немам добри очекувања и мислам дека ќе биде потешка од претходната.
Дали ВМРО-ДПМНЕ, вакво какво што е сега, е дел од проблемите на Македонија имајќи го во предвид пред се ставот кон законите за ковид мерките, постојаните блокади и протести?
Ако до 2016-та СДСМ повеќе наликуваше на дијагноза, а не на партија, сега улогите се сменија, па слободно „атрибутот“ дијагноза може да му се додели на раководството на ВМРО, додека пак СДСМ ја презема улогата на државотворна партија. Ако се сеќавате своевремено СДСМ беше главен кочничар и блокатор и постојано губеше на избори, е сега таа улога ја има ВМРО на чело со Мицкоски кој не одведе во шестти последователен пораз, таканаречен бојкот. Можеме да забележиме дека доколку во минатото за името на ВМРО биле врзувани зборовите отпор, борба, надеж, победа и успех, сега, за жал. ВМРО и во меѓународната и во домашната јавност е познато по бојкот и порази, а истовремено заличува на безопасно маче кое спие во скутот на Мицкоски. Народот не гледа алтернатива во ВМРО и покрај катастрофалните политики на СДСМ, и тоа упорно ни го кажува шестти пат по ред, но нашето раководство упорно продолжува да се инаети со народот.
Сепак, најразочарувачки од сѐ е тоа што партиските интелектуалци молчат, со чесни исклучоци, членството е тивко и уплашено, а молчат и пратениците гледајќи како ВМРО се распаѓа за сметка на градењето на еден нов политички субјект во името на Левица.
Како би ја опишале внатрешната ситуација во оваа опозициска партија во моментов?
„Маратонците го трчаат почесниот круг“ е моменталната слика во ВМРО. Се критикува сѐ и сешто, без да се направи длабинска анализа на состојбите и да се понудат решенија и програма. Па и птиците на гранките знаат дека СДСМ нe се способни и не ми е јасно зошто Мицкоски постојано го повторува тоа, а истовремено ништо не ни нуди за да даде барем минимална причина да добие глас повеќе. Еве, конкретен проблем во моментов е набавката на вакцините и тука повторно се сопна власта. Многу ме интересира што би понудил Мицкоски во тој дел и на кој начин би успеал интервентно да набави 800.000 вакцини. Во овој момент состојбата е таква што гласачите се убедени дека СДСМ се неспособни, ама ВМРО се уште понеспособни. Одговорноста за ваквата состојба мора да се бара во раководството на партијата, на чело со Мицкоски.
Поради овие неуспеси членството е разочарано, уплашено и немотивирано. Штабовите се празни, а повеќето од нив со месеци не работат. Раководството на партијата со сите сили се труди да го амортизира таквото незадоволство па се оди на оцрнување, вербални навреди и закани кон сите оние кои го доведуваат авторитетот на Мицкоски под прашалник. Имам впечаток дека пробуваат да изградат „култна личност“ од човек кој шест пати губи на избори. Залудно си ја трошат енергијата со правење на некои „пропагандни дувла“ и разно-разни глупости. Со таа енергија, доколку ја потрошеа за да го обединат членството и да ја консолидираат партијата, досега Мицкоски ќе беше премиер.
Кој според вас има најголемо влијание сега на одлуките на Христијан Мицкоски?
Тој кој што сега би сакал да признае дека имал какво било влијание врз одлуките на Мицкоски ќе треба да ја признае сопствената одговорност за шестте изборни порази и промашениот референдумски бојкот. Кој би сакал тоа да го направи?
Сепак, според мое мислење, најголемо влијание имаат Александар Николоски и Антонијо Милошоски, кои треба чесно и патриотски да си ја превземат одговорноста за поразите, за меѓународната изолација која последниот пат дојде во форма на политички шлаканици од Словачка и Чешка, за антиалбанскиот наратив кој ја „краси“ партијата, како и за огромниот раскол и омраза во самото партиско членство. Интересни се нивните средби со меѓународни претставници на кои, според мои информации, силно се обидуваат да се дистанцираат од политиките на Мицкоски, но затоа сме ние тука за да им ги освежиме сеќавањата.
Според последната анкета ВМРО-ДПМНЕ му се доближува на СДСМ, но Мицкоски се одалечува со рејтингот на Заев. Како го објаснувате тој тренд?
СДСМ ја изневери довербата која му е дадена од народот, но народот во ВМРО не гледа алтернатива на лошите политики на власта. Приближувањето во рејтинзите се случува во време на најголемата пандемија во современата историја на човештвото, во екот на најголемата светска економска криза и по промена на уставното име, а разликата е неполн процент во корист на СДСМ. Посебна приказна е двојно поголемиот рејтинг на Заев во споредба со тој на Мицкоски, а најсмешен е поголемиот рејтинг на Апасиев во споредба со оној на Мицкоски.
Тоа значи дека и тие што гледаат алтернатива во ВМРО и за кои ВМРО би било прва опција на гласачкото ливче, не го перципираат Мицкоски како можна алтернатива и имаме ситуација во која наместо лидерот да има додадена вредност и да ја повлече нагоре партијата, тој претставува баласт кој ја влече целата партија кон амбис и воедно ја одзема вредноста на партијата. Овие анкети говорат за можност во самиот финиш на изборната кампања ВМРО да падне 2-3 отсто поради отсуство на кредибилен лидер, но и поради механизмите и лостовите на дејствување кои секогаш ги има власта.
ВМРО-ДПМНЕ доби црвен картон од граѓаните за своите политики изминатите десет години. Некои беа добри, но некои беа девастирачки за земјата. Може ли да се врати на власт без нејзиното раководство да се извини или барем да се огради од политиките на Никола Груевски и да си ја преземе одговорноста за 27 април?
ВМРО не доби црвен картон на изборите во 2016-та година и, доколку се имаше малку поголем политички сенс, помали суети и сериозно разбирање за потребите на ова измачено опшество да се решат сите надворешно-политички прашања сега друга ќе беше приказната и ВМРО сѐ уште ќе беше на власт, ќе беше обединето, ќе беше и меѓународно респектиран политички субјект, а срамот од 27 април никогаш немаше да се случи. За жал, сега е сѐ обратно од тоа што некогаш можеше да биде. Нашите економски политики беа далеку, далеку подобри од економските политики на СДСМ, далеку подобри и во регионална смисла, па и во европски рамки. Без разлика на сѐ, можете Груевски да го мразите или сакате, навредувате или фалите, но во економскиот дел во последните 30 години немаше подобар од него, особено ако имате предвид дека самата светска должничка криза траеше 3-4 години од мандатот.
Очекувам ВМРО да го блокира пописот, бидејќи до сега видовме дека ова раководство и не знае за други начини на аргументирана борба и дебата, освен блокирање и кочење на процесите. Тоа ќе биде катастрофално по рејтингот на ВМРО
Но, во делот на демократските процеси и надворешната политика резултатите беа незадоволителни и на тоа посочуваа сите релевантни политички фактори и нашите стратешки партнери. Тие предупредувања доаѓаа континуирано и во подолг временски период, а ние незаинтересирано и немо ги следевме, потпикнувајќи ги под тепих.
Тука СДСМ се покажаа извонредно умешни, храбри и упорни и за тоа јавно им честитам на СДСМ и на Зоран Заев, а особено за пробивот на државата во меѓународната политика.
Кога би можело се да се реши само со извинување јас веднаш би ви се извинил за секое лошо што сте го почувствувале од ВМРО, а и тоа би требало и другите да го сторат, но не е се толку едноставно. На 27 немаше политичко партиско организирање од страна на ВМРО, но повеќето од учесниците на тие протести беа наши членови и симпатизери. Можеби има одговорност во однос на поттикнувачката реторика во деновите пред настанот и за тие вулгарни говори треба да има извинување. Сепак, мојата заложба е да си пружат рака СДСМ и ВМРО и да се договорат за стратешките интереси на државата, да не се гледаат душмански и преку нишан, туку да се обидат да се разберат меѓусебно како политички неистомисленици.
Каде ги гледате вие здравите сили или потенцијали во ВМРО-ДПМНЕ? Каде би го барале идниот лидер на партијата?
Според мене, идниот лидер би требало да биде човек кој храбро би учествувал во креирањето на политички одлуки заедно со СДСМ, а кои се многу важни за меѓународните позиции на Македонија, да знае економија и микро менаџмент како Груевски, да има државнички став по однос на историските прашања како Љубчо Георгиевски и воопшто да не личи, дури по можност ни да потсетува на Бранко Црвенкоски, односно Христијан Мицкоски.
Мицкоски во континуитет бара предвремени избори. Имаат ли основа ваквите барања и подготвена ли е ВМРО-ДПМНЕ за нив?
Мицкоски бара избори, ама се моли да не ги добие. Јас не можам да разберам што бара, ниту пак некој друг може да го разбере. Бара парламентарни избори, а бојкотира локални избори. Кој може да го разбере овој став? Доколку ВМРО беше подготвено за избори ќе излезеше на локалните избори во Штип.
Од она што се однесува на јавно расположливи информации можам да кажам дека членството од 147.000 во 2016-та, сега е намалено на само 37.000 по список. Гласачкото тело е намалено од 450.000 на 300.000. Заклучете сами какви се односите во партијата.
Какви се вашите очекувања од локалните избори?
Зависи од тоа што ќе го понудиме? Доколку имаме понуда како досегашната, а која се состои само од блокади, бојкоти, пизма, омраза и очај, резултат ќе биде многу лош. Доколку имаме добра понуда, очекувам и подобар резултат. Досегашните политики навестуваат пораз, а дополнително имаме огромен проблем со луѓе кои би се кандидирале под знамето на ВМРО.
Кој ја создаде според вас Левица и нели е таа обид на Мицкоски да ги задржи тие што се разочараа од неговото водство?
Не верувам, ниту има докази дека Левица е создадена од ВМРО или од СДСМ. Но, настанувањето на Левица е сублимат од погрешните социо-економски политики на СДСМ (тогаш Левица беше мала и незначителен фактор на политичката сцена) и од квазипатриотските политики на Мицкоски, кој не знаеше да се претстави интелектуално и идеолошки пред гласачите, членовите и симпатизерите со понуда на едно големо НИШТО. Во тој момент Левица понуди радикални решенија во кои поверуваа сите оние кои се разочараа од ВМРО. Тоа значи дека дел од граѓаните би прифатиле каков било став, доколку им се понуди, макар тој и да е погрешен, доколку немате друга понуда на пазарот, а таква понуда од Мицкоски нема до денешен ден. Затоа на почетокот на настанување на Левица таа партија земаше гласови од СДСМ, но сега 80 отсто од гласачите на Левица се поранешни членови и симпатизери на ВМРО.
Сепак, најдобро за Левица е да си остане во опозиција, затоа што од неа ќе се очекува во првиот момент кога би дошла во позиција на власт да ги исполни барем 50 отсто од ветувањата, кои се нереални и неизводлови без да создадат големи општествени и етнички турбуленции. Колку на Македонија ѝ се потребни ваков тип на проблеми, покрај постојните економски, здравствени, социјални, образовни и проблеми во делот на владеење на правото, ќе одлучат самите граѓани на избори.
Како го оценувате ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на спорот со Бугарија и барањата да потпишеме нов Договор за добрососедсто? Верувате ли на сомневањата дека Мицкоски соработува со Каракачанов за да ја урне владата тука?
Секој следен договор ќе биде полош од претходниот. Според овој договор, македонскиот јазик и идентитет се реално заштитени и тоа така треба да остане. Тоа што Мицкоски од оваа страна и Каракачанов од таа страна бараат нов договор е крајно сомнително бидејќи позициите на двајцата се дијаметрално спротивни. Тоа би значело дека за да има нов договор Мицкоски ќе треба да направи отстапки во идентитетот и јазикот, особено ако се има предвид дека Бугарија и Македонија не се рамноправни страни во преговорите, бидејќи тие се членка на ЕУ, а ние не сме.
Очекувате ли дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира пописот и дали би била паметна таквата одлука?
Да, очекувам да го блокира пописот, бидејќи до сега видовме дека ова раководство и не знае за други начини на аргументирана борба и дебата, освен блокирање и кочење на процесите. Тоа ќе биде катастрофално по рејтингот на ВМРО. Замислете, државотворната партија ВМРО го блокира целиот процес, откако пред неколку години истиот тој процес го запревме. Тоа, несомнено медиумски ќе го искористи СДСМ.
Како некој што не робува на ставовите на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, како ја оценувате работата на актуелната влада?
Економско цунами, комбинирано со слабо управување на здравствената криза и насилно туркање на системски закони. Пробивот на надворешен план го поздравувам.
Живеете во Будимпешта, новата татковина на Никола Груевски. Го среќавате ли и имате ли информација како се справува со азилот?
Не сме се виделе, но би сакал да се видиме бидејќи би имале добри теми за разговор.