Есмеров до Мицкоски: Плаши се од твоите, каменот доаѓа од блиску


Поранешниот амбасадор на Македонија во Будимпешта, Игор Есмеров, не е член на Иницијативнот одбор, ни делегат на конгресот, но ја подржува секоја иницијатива за промена на актуелното раководство и, како што вели –  на секое идно кое не би ја освоило довербата на граѓаните, особено кога тоа би се случувало последователно, во неколку изборни циклуси.
 
„Водејќи се од демократските принципи на владеење, ова раководство повеќе нема никаков легитимитет, ниту право да раководи со ВМРО-ДПМНЕ. Дополнително, револтиран сум и крајно разочаран од изјавите на одредени партиски ‘ликови’ кои во текот на вчерашниот ден изнесоа крајно непримерни квалификации за членовите на Иницијативниот одбор, нарекувајќи ги ‘политички отпадници и луѓе кои одработуваат за Заев и СДСМ’. Само да ги потсетам овие ‘ликови’ дека токму членовите на Иницијативниот одбор го изгласаа Мицкоски за лидер на ВМРО.
 
Доколку Мицкоски навистина мисли дека биле ‘отпадници’ и доколку е чесен во намерите, тогаш уште денес треба да го врати мандатот кој му го дале и да се согласи на вонреден конгрес, на кој и тој би учествувал. Мицкоски треба да е свесен дека со ваквите непримерни изјави на неговите партиските функционери само дополнително се доведува во прашање неговиот непостоечки легитимитет.
 
Би му препорачал на Мицкоски да не се плаши од членовите на Иницијативниот одбор кои имаат принципиелен став, односно, кога го изгласале за лидер му ја дале довербата верувајќи дека тој ќе победи на избори. Сега со право бараат да биде проверен неговиот легитимитет на вонреден конгрес бидејќи ги изгуби сите можни изборни циклуси. Но, искрено треба да се плаши од лицата околу себе, кои со ваквите непримерни изјави му го тресат партиското столче. Каменот доаѓа од блиску“, порача Есмеров во изјавата за „Независен“. (Н.В.)