ЕСМ го зголеми производството, обезбеди струја за дел од домашното стопанство


АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) вчера произведе 12.660 MWh електрична енергија, со што, како што соопшти, целосно ги задоволи потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од сопствени, домашни капацитети.

Од ЕСМ истакнуваат дека го зголемиле производството, како и дека обезбедиле струја за дел од домашното стопанство. Прецизираат дека во термоелектраните РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино произведени се 12.253 MWh, а во хидроелектраните и во Ветерниот парк Богданци произведени се 407 MWh.  

-Согласно со договорот што го склучи ЕСМ Продажба на 12 октомври за продажба на 1.200 MWh вишоци на електрична енергија за периодот  од 13 до 18 октомври  со „Дуферко“, утрово се продадени последните 200 MWh. Станува збор за електрична енергија произведена во период од 2 до 6 часот за која „Дуферко“ во конкуренција на уште две други компании (ЕТМТ и ДАНСКЕ) понуди цена од 135,7 евра од мегаватчас, информира ЕСМ и споделува дека податоците се преземени од Диспечерски извештај за 17 октомври.

ЕСМ, како што информираа вчера владини извори, во моментов ги има вклучени сите капацитети кои му се на располагање, освен Блок 3 за кој на 21 октомври треба да биде испорачан трансформаторот од Турција и да пристигне во Битола на 26 октомври. Надлежните тврдат дека државава има и доволно количини на јаглен, а во случај ништо да не функционира во рудниците за јаглен и да нема испорака, би имале јаглен за 20 до 30 дена.

– Дневната потрошувачка во РЕК Битола е 12-13 илјади тони јаглен,  а дневната потршувачка во Осломеј е околу три илјади тони. Дневно ископот во РЕК Битола во овој период е 20 илјади тони, а дополнително околу 2.800 тони дневно има достава на јаглен од Грција и од Албанија. Доколку се случи некоја катаклизма, ништо да не функционира, тогаш може да работиме 20-30 дена без ниту еден грам јаглен, брифираа вчера од Владата.

Остануваат отворени и разговорите за набавка на електрична енергија за стопанството со цел да се обезбеди струја по прифатлива цена за бизнис секторот и да се одржи економијата во кондиција. Од бугарска страна има добра волја да се помогне во овој дел, но засега не може ништо да се стори затоа што бугарското законодавство ги обврзува вишоците на електрична енергија да ги продаваат по берзански цени. Отворени се и разговорите со Турција, но во овој случај прекуграничниот транспорт е прилично скап.