ЕСМ без понуда на четвртиот тендер на ЕВН Хоум, ќе се јави на следниот повик


„Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) не достави понуда ниту на четвртиот тендер на ЕВН Хоум, кој се однесува за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи со електрична енергија. Од компанијата велат дека тоа ќе го сторат на следниот повик.

„Одлуката од Владата во однос на препорачаната цена и количини на електрична енергија со кои АД ЕСМ треба да се јави на тендерот на ЕВН Хоум за 2022 година се однесуваат на 6-месечен период, додека актуелниот тендер на ЕВН Хоум е распишан за 12-месечен период. Од тие причини АД ЕСМ денеска не поднесе понуда. АД ЕСМ ќе се јави на следниот повик на Универзалниот снабдувач кој треба да се однесува на периодот јануари-јуни 2022 година“, објаснија од ЕСМ. 

ЕСМ немаше доставено понуда ниту на претходните три тендери.

Инаку, според неофицијални информации на четвртиот тендер понуда не доставила ниту една компанија.

Вчера, министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека цената на струјата во следните шест месеци од 2022 година нема да се зголеми повеќе од 10 проценти.