Ескобар во Конгресот: Македонија и Албанија да ги започнат преговорите со ЕУ пред крајот на годинава


ВАШИНГТОН – Најсилната порака што ЕУ сега можа да ја испрати е да започне преговори за членство во ЕУ на Северна Македонија и Албанија пред крајот на оваа календарна година, изјави денеска Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД.

Со тоа, рече тој, „ќе се отфрли разочараноста на населението во регионот од европските политики и ќе се запре злонамерното влијание на Русија и Кина кои работат против проширувањето на ЕУ во Западен Балкан“.

Во сослушување пред Комитетот на Претставничкиот дом за надворешна политика денеска на тема ангажманот на САД во Западен Балкан, Ескобар укажа дека и Северна Македонија и Албанија ја завршиле тешката работа што од нив се барала и оти процесот треба да започне без одложување

„Одложувањето на процесот откако Советот на министри на 22 март препорача започнување на проеговорите, шири сомнеж во регионот и ризикува отфрлаање на надежите на новите генерации кои сакаат иднина во ЕУ“, истакна Ескобар.

Тој ја повтори заедничката изјава на државниот секретар Ентони Блинкен и високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел од 14 октомври дека евроинтеграцијата е единствена надеж за регионот.

Ескобар истакна дека САД во изминатите десет години обезбедиле 2,4 милијарди долари помош за регионот.  Само за фискална 2021 година, посочи тој, издвоивме повеќе од 120 милиони долари за помош за интеграцијата на регинот во ЕУ и изградба на отпор кон негативните надворешни влијанија.

Ескобар рече дека Москва и Пекинг активно се спротивставуваат на членството на регионот во ЕУ.

„Тие вршат дезинформации и ги употребуваат ранливите места за да ги пренасочат земјите од Западен Балкан од својот избран демократски пат, додека се здобиваат со економско и политичко присуство во Европа“, рече Ескобар.

Според него, Русија ги употребува како оружје енергенсите што ги снабдува на Европа за да ги уценува политичарите, стимулира корупција и го запира потенцијалот за развој. „Кина исто така го шири своте влијание во критичната инфраструктура и со условувања во економијата. Ние не смееме да им дозволиме да успеат“, порача тој.

Ескобар укажа дека Западен Балкен е економски динамичен регион со намера да се приклучи на единствениот европски пазар.

Тој ги пофали иницијативите како Отворен регионален пазар и Зелената агенда и истакна дека администрацијата на претседателот Џо Бајден ја удвоила својата посветеност да работи со сојузниците за помош на Западен Балкан да го реализираат својот европски пат.

Конгресменката Клаудија Тени, копретседавачка со конгресната група за пријателство со Македонија и македонско-американската заедница, истакна дека постојат 16 пресуди од страна на Европскиот суд за човекови права во однос на нарушување на правото на собир на македонското малцинство во Бугарија.Таа побара од Ескобар да одговори што прави администрацијата на САД да осигура дека Бугарија, како НАТО членка, ги исполнува нејзините обврски во однос на заштита на човековите права.

„Основата на нашето партнерство со европските партнери се вредностите, не само заедничкиот интерес туку и заедничките вредности, и се` што ја нарушува таа врска е од голема загриженост за нас“, рече Ескобар. Според него, американскиот амбасадор во Софија работи да ги адресира проблемите со прекршување на човековите права во Бугарија.(МИА)