Ескобар: Русија и Кина го загрозуваат напредокот на Балканот

Пратеникот на САД за регионот во Сенатот изјави дека Северна Македонија и Албанија спроведоа важни реформи и двете земји заслужуваат да напредуваат во ЕУ


Фото: Б. Грданоски

 

Габриел Ескобар, пратеник на американската администрација за Западен Балкан, изјави дека регионот е во фокусот на постојан ангажман, инвестиции и поддршка на двете партии на САД во последните три децении. „Русија ја користи својата улога како снабдувач со енергија за да ги принуди политичарите, да ја охрабри корупцијата и да го запре развојниот потенцијал. Исто така, го поддржува етнонационализмот кој дели и го одвлекува вниманието од подобрата иднина. Кина го проширува своето  присуство  низ натренаспарентни кредити и таканаречени инвестиции“, рече Ескобар.

Како што јави Гласот на Америка, во своето обраќање за време на дебатата во Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Ескобар рече дека резултатите од таквиот ангажман се јасни.

„Од земјите на поранешна Југославија, четири се сојузници во НАТО, додека две се членки на ЕУ. Меѓу земјите од Западен Балкан, сите или ја споделуваат стратешката цел за подлабока интеграција со Западот како аспиранти за членство во ЕУ или се членки на ЕУ. Нашата работа не е завршена“, рече Ескобар.

Тој истакна дека континуираното американско лидерство продолжува да биде од суштинско значење за завршување на трансформацијата на Западен Балкан во поблизок сојузник, трансатлантски партнер и регион кој ќе придонесе за глобалниот мир и просперитет.

Американскиот функционер повтори дека САД даваат силна поддршка на дијалогот што го води Европската унија, чија цел е нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

„Дијалогот е начин за двете страни, како еднакви, да работат на решавање на нивните разлики и да најдат сеопфатен договор, кој на двете земји им е потребен за нивната европска иднина. Ние веруваме дека напорите треба да се фокусираат на взаемно признавање“, рече Ескобар.

„Истовремено, на нашите партнери од ЕУ им ја нагласуваме важноста да се држат отворени вратите на Европа, бидејќи ова е најважниот стимул што создава политичка волја за исклучително важни, но понекогаш тешки реформи. Северна Македонија и Албанија спроведоа важни реформи и двете земји заслужуваат да напредуваат во процесот на придружување“, рече Ескобар.

Но тој го посочи предупредувањето на САД до оние кои покажуваат коруптивно, дестабилизирачко или антидемократско однесување дека ќе ги сносат последиците.

„Во декември ги искористивме овластувањата на Законот Магнитски против организирана криминална група која дејствуваше во регионот. Во јануари Милорад Додик беше санкциониран поради коруптивно и дестабилизирачко однесување, како и телевизија под негова контрола“, рече американскиот претставник за Западен Балкан.

Тој оцени и дека „регионалниот напредок е загрозен и од штетните надворешна политика и економските влијанија на Русија и Кина“.

Тој истакна дека промовирањето транспарентно владеење, човековите права и меѓународниот поредок заснован на правила ќе останат основен принцип на американскиот ангажман против дестабилизирачките активности на Западен Балкан.

Тој, исто така, е убеден дека постојат, како што рече, значајни можности за американските компании – што бара зајакнување на владеењето на правото, борба против корупцијата и зголемување на транспарентноста.

Тој нагласи дека администрацијата на претседателот Џо Бајден е посветена на регионот, кој е историски, политички, културно и географски неделив дел од Европа.

„Нашиот долгорочен дипломатски ангажман ја поддржува целосната интеграција на Западен Балкан во евроатлантските структури. Посилен Балкан, интегриран во посилна Европа, прави посилно трансатлантско партнерство“, рече Ескобар.

Тој посочи дека САД продолжуваат да ги продлабочуваат долгорочните партнерства во регионот.

„Само во изминатите неколку месеци прославивме 140 години дипломатски односи со Србија и ги одржавме првите билатерални одбранбени консултации по пет години, најавивме формирање на Штаб за специјални операции во Албанија и го поздравивме учеството на Хрватска во програмата за укинување на визите. Силно се потпираме на нашите партнери во Косово, Албанија и Северна Македонија како дел од потребата за привремено прифаќање на илјадници евакуирани од Авганистан“, рече Габриел Ескобар во своето обраќање во Сенатот.