На прашањето дали очекува  да бидат донесени уставните измени Ескобар рече:

„На Соединетите Американски Држави им е мило што тој процес започна и се надевам дека ќе продолжи“. 

Тој неколкупати повтори дека САД се пријател и сојузник со Северна Македонија, дека нашата држава многупати им помогнала и дека сакаат тие да ни помогнат нам околу нашите предизвици.

„Ги почитувам луѓето во оваа земја и таа се покажа како вистински пријател и партнер на САД. Северна Македонија последните неколку години ни помогна  за Авганистан, за Украина, како претседавач на ОБСЕ, а во последно време и за постигнување на историскиот договорот меѓу Косово и Србија за нормализација на односите.  Тоа не можевме да го сториме без вас. На секој чекор од нашите предизвици сметавме на вас и сакаме вие да сметате на нас  во своите предизвици. Како резултат на партнерството што го имаме со Европа, сакаме  да ве видиме во ЕУ и ние сме вашите најентузијастички поддржувачи. Секогаш сум велел дека Западниот Балкан е најнадежниот  дел од Европа со најголем економски раст во моментов. Европа и Америка имаат потреба од вас. Сакаме и вие да имате корист од тоа стратешко партнерство во носењето на тешките одлуки за вас“, рече Ескобар. 

Премиерот Димитар Ковачевски пак се фокусираше на уставните измени порачувајќи дека и натаму е убеден дека во овој процес ќе излеземе победници и дека Македонија ќе биде следната земја членка на ЕУ. На забелешката уште колку странски делегации треба да дојдат за да пројдат уставните измени тој рече дека за прашањето се дебатира толку долго бидејќи е важно и стератешко.  

„Фактот дека водиме дебата подолго време, значи дека се работи за исклучително стратешко  прашање кое ја решава иднината на многу генерации. И ќе се води толку колку што е потребно за да се донесе правилна и вистинска одлука  со која ќе се остварат визијата и целите на граѓаните тука.  Доколку се работи за одлука која што не дефинира иднина, тогаш веројатно и дебатата не би се водела ниту толку долго, ниту толку детално. Процесот ќе се води, ќе се дебатира и ќе заврши успешно за граѓаните и за државата“, порача Ковачевски.

Прашан дали е оптимист дека може да се изнајде договор Северна Македонија да добие преговарачка рамка со која што ќе ги отпочне преговорите, Ковачевски рече дека е рационален оптимист.

„Тоа значи дека верувам во остварување на целта и работам таа цел да се оствари. Пораката која што повторно ќе ја упатам до пратениците во Собранието, е дека тие се претставници  на граѓаните. Граѓаните многу јасно кажуваат дека сакаат да бидат дел од ЕУ. Пратениците треба да бидат дел од европската идеја за Северна Македонија. Тие ја зеле одговорноста и честа да ги застапуваат граѓаните во Собранието и утре ќе бидат запишани во историјата како личности кои обезбедиле европска иднина на државата. Јас сум горд на сите пратеници во нашето Собрание, кои биле дел од носењето на важните стратешки и тешки одлуки за државата“, рече Ковачевски.

Тој ги повтори познатите ставови дека нови барања од Бугарија според Преговарачката рамка  и дека тоа го потврдиле на оваа средба со Ескобар, но исто така дека не може да има и нов договор и репреговарање на Преговарачката рамка, поради што како што посочи опозицијата ја напуштила реториката на таа тема.  Изгласувањето на уставните измени, рече тој, САД го сметаат за клучен чекор  во овозможувањето на европската иднина на Македонија, што е пак став кој кореспондира со тој на владеачката коалиција и на 80 отсто од граѓаните во земјата.

На почетокот пак на прес конференцијата се осврна на недипломатското добредојде од Мицкоски за високиот гостин.

„Сакам да одговорам на едно прашање кое беше отворено во текот на изминатите два дена од страна на опозицијата и, ќе го цитирам, беше кажано дека Владата коленичи за да дојдат странски дипломати за да вршеле притисок како дел од светски заговор и дел од супер непријатели против дел од македонскиот политички спектар, со цел да се обезбедело гласање. Тоа не е точно, бидејќи во Северна Македонија денес е присутен висок претставник на најпријателската држава на Северна Македонија – САД, тој е во Северна Македонија како дел од неговите редовни посети во регионот бидејќи високиот претставник Ескобар е висок претставник за Европа и специјален претставник за Западен Балкан. Тоа не е негова прва посета ниту пак ќе биде последна посета“, порача Ковачевски.