Ескобар не сака да чуе за референдум, бара од Курти да исполни тоа што потпишал
Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на брифинг со новинари од регионот ја отфрли можноста Приштина преку референдум да носи одлука дали да формира или не Заедница на српски општини. Тој нагласи дека договорот во Охрид и Бриселскиот претходно што го потпишаа Србија и Косово е легално обврзувачки и дека премиерот Албин Курти ја мати водата со изјавите дека ќе ги отфрли договорените обврски.
-Ова се правно обврзувачки документи. Со одбивањето на легално обврзувачки меѓународни договори Косово го одбива европскиот пат. Ова е преземена обврска меѓу Косово и Србија, но и со Европската унија. Од Косово не бараме сега нешто што не е побарано претходно да го направи, порача Ескобар нагласувајќи дека Заедницата на српски општини е обврска која не излегува од европската повелба за права на малцинствата и од рамката на европските стандарди.
-Не ни е јасно зошто Косово одбива да ги исполни меѓунардно преземените обврски, рече Ескобар сугерирајќи дека не го прифаќа тврдењето на Албин Курти дека само го почитувал владеењето на правото – бидејќи и исполнувањето на овие обврски е владеење на правото. Притоа тој јасно наведе дека од него се очекува да ја формира Заедницата на српски општини, да ги спроведе целосно одлуките на судот за манастирот Дечани, да ги следи препораките на Венецијанската комисија за експропријација на земјиштата и за употреба на јазиците во однос на Србите во земјата.
-Владеење на правото е и почитување на меѓународните обврски, владеење на правото е и спроведување на одлуката за Дечани, за формирање на ЗСО. Работиме на тоа Приштина да ги исполни овие барања, има големи очекувања, рече Ескобар, додавајќи дека и двете страни имаат одговорност да се најде одржливо решение.
Тој додаде исто така дека САД и КФОР ќе ја чекаат истрагата за апсењето на припадниците на косовската полиција пред да носат заклучоци.
Зборувајќи за последните потези на Приштина, како што е забраната за влез на стоки од централна Србија во Косово, тој рече дека станува збор за непотребно подигање на тензии и неевропско однесување и тоа треба да запре.
– Тоа го спречува движењето на луѓе и стоки, нема законска основа за тоа – изјави тој. (Н.В.)