Есенскиот бран на КОВИД-19 зема замав, да се почитуваат мерките за заштита

Фото: Б. Грданоски

Нови 865 нови случаи со Ковид-19 од 2449 тестирања беа евидентирани во вчерашниот извештај на Министерството за здравство за периодот од 24 часа во деноноќието меѓу саботата и неделата. Починати се десет пациенти, од кои четворица од Скопје (67 г., 58 г., 64 г. и 76 г.), двајца од Прилеп (70 г. и 73 г.), еден пациент од Битола (52 г.), еден од Охрид (77 г.), еден од Кочани (48 г.) и еден пациент од Пробиштип (76 г.). Регистрирани се 359 оздравени пациенти.

Вкупниот број Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 32436, бројката на оздравени пациенти е 21090, на починати е 1004, а бројот на активни случаи изнесува 10342.

Есенскиот бран на Ковид-19 ги наполни и болниците. Хоспитализирани се 691 пациент од кои 123 се на кислородна поддршка, а двајца се на респиратор.

Зголемени се капацитетите за тестирање за Ковид-19 во јавните здравствени установи. Сите државни лаборатори, како што информира Министерството за здравство, располагаат со доволен број тестови за Ковид-19, а значително се зголемени и капацитетите на државните лаборатории кои вршат тестирање.

Министерот за здравство Венко Филипче во гостување на телевизија најави дека денеска ќе пристигне донација од 13 000 брзи тестови кои се најнова технологија со која за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен вирусот Ковид 19. Тестовите ќе бидат дистрибуирани по сите пунктови каде се врши тестирањето.  Тој посочи дека добиле голема сума пари со ребалансот на буџетот близу 40 милиони денари и ќе набават близу 100.000 тестови во следниот период за да одговорат на сите потреби.

Владата и Министерството за здравство почнуваат кампања за носење маски со цел поддршка на Законот и подигнување на свеста на граѓаните од важноста на  почитување на мерките и препораките на Комисијата за заразни болести за заштита од корона вирусот.

Кампањата, која ќе оди со слоганот  #НосамМаска, е подржана и ќе биде промовирана од страна на сите функционери, членови и поддржувачи.

– Целта ни е да се подигне свесноста за тоа колку е важна заштитата од коронавирусот. Носењето на заштитни маски на отворен и во затворен простор е општо прифатена мерка за заштита во цела Европа. Тоа е засега наједноставен и најсигурен начин да се спротивставиме на пандемијата, соопштија од Министерството за здравство.

#НосамМаска е одговорност, велат од Министерството, која треба да ја прифатиме, почитуваме, споделиме и применуваме.

Премиерот Зоран Заев на својот фесбук-профил порача дека носењето заштитна маска засега е наједноставниот и најсигурен начин да ѝ се спротивставиме на пандемијата.

– Јас #НосамМаска затоа што се грижам за моите блиски, затоа што ги почитувам здравствените работници и бидејќи јавното здравје зависи и од однесувањето на поединецот. Секој од нас треба да биде одговорен, напиша премиерот.

Тој порача сите редовно да носиме маска и на тој начин заедно да ја добиеме борбата со Ковид.

Министерот Филипче истакнува дека ризикот за пренесување на вирусот е значително висок во затворена просторија, што не се проветрува и со голем број луѓе кои не носат маска.

Според него, ризикот се намалува доколку се носи маска, а уште повеќе ако бројот на луѓе во една затворена просторија е помал и доколку таа често се проветрува.

– Носам маска затоа што се грижам за моите блиски, затоа што ги почитувам здравствените работници и го штитам јавното здравје. Носењето заштитна маска е засега наједноставен и најсигурен начин да се спротивставиме на пандемијата. Секој од нас има одговорност, порача Филипче на својот фесјбук-профил и апелира до сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19.

Не само во државава, бројот на новозаболени и на починати расте и во земјите од регионот и во цела Европа.

Во Бугарија Ковид-19 е потврден кај 1.803 лица од 7.259 тестирани, а 25 пациенти починаа. Стапката на позитивност е 24,84 проценти, според вчерашните официјални податоци. Хоспитализирани се 2.612 пациенти, од кои 166 се на интензивна нега.

Епидемиологот и член на кризниот штаб на Србија, Предраг Кон вчера изјави дека се очекува бројот на заразени со коронавирусот да продолжи да расте во следните десет дена и може да достигне повеќе од 2.000 нови случаи на ден, како и дека бројот на смртни случаи од Ковид-19 ќе стане двоцифрен.

Во Хрватска од тестирани 8.026 примероци беа потврдени 2.179 нови случаи на коронавирус, а 16 пациенти починале, соопшти вчера Националниот штаб.

Во Словенија вчера беа потврдени 1.342 нови случаи на заразени со коронавирус, по направени 4.807 тестови, а 25 лица починаа, објави словенечката Влада.

Голем број заразени и починати има и во многу други земји во Европа, а дел од нив воведуваат нови ограничувачки мерки и „заклучување“ поради драматичната епидемиолошка состојба.