Есенски музички свечености: Гала оперски концерт за старт на 21. издание


По 21-ви пат годинава ќе се одржи традиционалниот фестивал „Есенски музички свечености“ во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Годинешното издание на фестивалот ќе биде посветено на домашните уметници, а ќе се одржи согласно здравствените протоколи за спроведување на мерките за заштита од Ковид-19.

Официјалното отворање ќе биде одбележано со Гала оперскиот концерт на НОБ вечерва во 19 часот. На концертот ќе настапат солистите, хорот и оркестарот на НОБ под диригентската палка на Иван Еминовиќ.

Следниот настан е концертот на Гордана Јосифова Неделковска – обоа, со гостите Влатко Стефановски – гитара, Страшо Темков – флејта Елена Атанасовска – Ивановска – пијано и Инес Неделковска – пијано кој е најавен да се одржи на 6 ноември, во салонот на НОБ (19 часот).

Од Дирекцијата за култура и уметност соопштија дека целосната реализација на програмата ќе зависи од тоа како ќе се развива здравствената состојба во државата и според протоколите кои ќе бидат донесени од државните органи. Затоа, програмата ќе се објавува сукцесивно и навремено во текот на ноември.