ЕБУ ја призна грешката: Тамара со „Proud“ е победникот на Евросонг според гласовите на жирито


Европската радиодифузна унија реагираше по грешката на белоруското жири на Евровизија 2019 година. Од таму сега објаснуваат дека навистина се случила грешка и поради тоа резултатите се променети. Според ова, Северна Македонија и Тамара Тодевска со песната „Proud“ се победници според гласањето на жирито.

Од ЕБУ ја појаснија грешката и објаснија дека станува збор за човечки фактор.

Оваа промена има ефект врз пласманот по гласањето на жиријата од сите земји учеснички. Со тоа, наместо Шведска, победник е Северна Македонија која во овој случај има десет бодови повеќе од првичните и со тоа ја надмина Шведска на врвот на табелата, односно Тамара освоила 247 бодови од жирито, а Џон Лундвик 241 бод. Северна Македонија добила десет бода повеќе од она што беше прикажано на евровизиската вечер, па така нашата земја , која имаше два бода помалку од Шведска, сега има шест бода предност.

Кога станува збор за вкупниот поредок, односно гласовите од публиката и од жирито, сега наместо на осмото, нашата држава заврши на седмото место со 305 бода, па така нашиот најдобар пласман во историјата на Евровизија е подобрен за едно место.

„Белоруското жири беше распуштено по откривањето на нивните гласови од првата полуфинална вечер што е спротивно на правилата на Евровизија. Со цел да се усогласат со регулативите за гласање на натпревaрувањето, ЕБУ работеше со партнерот кој гласаше за да создаде замена за агрегиран резултат (пресметан врз основа на резултатите од други земји со слични избирачки записи), што беше одобрен од мониторот за гласање Ернст и Јанг, за да се одредат гласовите на белоруското жири за големото финале. ЕРУ потврдува, според стандардните ревизиски практики, дека откривме грешка која е плод на човечки фактор, дека е користен погрешен резултатски агрегат. Тоа нема никаков удел врз персметката на поените добиени од телевоутингот низ 41 земја учесничка, а конечниот победник, како и пласманот во Топ 4 остануваат непроменети“, гласи соопштението на Европската радиодифузна унија.