Ерос Рамацоти вечерва со концерт во Скопје


Италијанската поп-ѕвезда Ерос Рамацоти вечерва, во 20 часот, во организација на „Авалон продукција“, ќе одржи концерт во Скопје во А1-арената. Во рамките на својата светска турнеја, која почна во февруари годинава, тој го промовира најновиот студиски албум со наслов „Vita ce n’e“. Турнејата ги опфаќа сите континенти, а македонската публика првпат ќе има шанса да го слушне и дома.

Како што е најавено, вратите на А1 арената за посетителите на вечерашниот концерт ќе бидат отворени во 18:30 часот.

Покрај песните од најновиот албум „Vita ce n’e“, најпознатата италијанска поп ѕвезда ќе ги испее и неговите светски познати стари хитови, меѓу кои се „Un’ altra te“, „Cose della vita“, „Favola“, „Terra promessa“, „Quanto amore sei“, „Un attimo di pace“, „Аdesso tu“, „Un’ emozione per sempre“, „Fuoco nel Fuoco“, „Se bastasse una cancone“, „Musica e“, „Una storia importante“, „Piu bella cosa“, „Un angelo distesо al sole“ …

Ерос доаѓа во Скопје со комплетно своја продукција (звук, светло и видео). Неговите живи настапи се едни од највозбудливите доживувања во светската музичка индустрија. Во интервју за „Независен весник“, тој порача дека македонските фанови ќе доживеат голема забава на неговиот настап.

– Секако дека ќе ги слушнете моите стари хитови! На репертоарот ќе биде сиот мој успех, покрај песните од последниот албум „Vita Ce N’è“. На оваа турнеја сакам најдобро да ги претставам новите песни, за да уживаме во животот бидејќи тоа е најскапоцената работа што ја имаме – вели Рамацоти.

Рамацоти е еден од ретките италијански музички поп-ѕвезди кои планетарно изградија кариери. Публиката го памети по соработките со Шер, Петси Кензит, Тина Тарнер, Лучијано Павароти, Анастејжа и други.

Оваа негова голема светска турнеја опфаќа повеќе од 30 градови и 90 концерти.

Од 1984 година, досега, Рамацоти објави 11 студиски албуми, три компилациски албуми, три албуми во живо и 37 синглови. Тој има продадено над 60 милиони плочи во неговата 30-годишна кариера.

Билетите може да се набават во музичката продавница на „Авалон продукција“ или онлајн. (И.Н.)