Ерменија ја изгуби војната, руски миротворци дојдоа во Нагорно Карабах
Според мировниот договор постигнат со посредство на Путин, Азербејџан ги задржува освоените територии во Карабах. Во Баку се слави, во Ереван толпи луѓе влегоа во парламентот обвинувајќи за предавство
Ерменија, Азербејџан и Русија потпишаа договор за ставање крај на воениот конфликт околу спорната енклава Нагорно Карабах.
Ерменскиот премиер Никол Пашинијан го нарече договорот „неверојатно болен и за мене и за нашиот народ“.
Договорот следува по шест недели борби меѓу Азербејџан и етничките Ерменци. Регионот е меѓународно признат како азербејџански, но го водат етнички Ерменци од 1994 година.
Примирјето со посредство на Русија беше потпишано на крајот на војната во раните 90-ти, но немаше мировен договор. Иако и двете страни презедоа чекори за намалување на тензиите минатата година, борбите избувнаа на крајот на септември и неколкуте обиди да се стави крај на конфликтот не успеаја.
Новиот договор за прекин на огнот предизвика гнев во Ерменија, демонстрантите упаднаа во парламентот, тепајќи го спикерот и, наводно, ограбувајќи ја канцеларијата на премиерот.
Мировниот договор, кој беше потпишан од рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и премиерот на Ерменија, стапи на сила во вторникот од 01:00 часот по локално време (понеделник од 21 часот по средноевропско време).
Според договорот, Азербејџан ќе ги задржи областите во Нагорно Карабах што ги освои за време на конфликтот. Ерменија, исто така, се согласи да се повлече од неколку други соседни области во текот на следните неколку недели.
Дописникот на Би-би-си во Баку вели дека, во целина, договорот треба да се прочита како победа за Азербејџан и пораз за Ерменија.
За време на телевизиско обраќање преку Интернет, претседателот Путин рече дека руските мировници ќе бидат распоредени да патролираат на фронтот.
Руското министерство за одбрана потврди дека ќе бидат вклучени 1.960 лица и според извештаите, авионите во вторникот ја напуштиле воздушната база во Улјановск, носејќи мировници и оклопни транспортери до Карабах. Дел од нивната улога ќе биде да го чуваат „коридорот Лачин“, кој го поврзува главниот град на Карабах, Степанакерт, со Ерменија.
Турција, исто така, ќе учествува во мировниот процес, според претседателот на Азербејџан, кој му се придружи на претседателот Путин за време на обраќањето.
Претседателот Путин рече дека договорот вклучува размена на воени затвореници, а „сите економски и транспортни контакти да бидат одблокирани“.
Во Баку владее расположение за национално славје. На Алејата на мачениците – спомен на паднатите војници на Азербејџан – има голем број луѓе меѓу морето знамиња. Групите ја пеат националната химна.
Двајца млади студенти држат натпис на кој пишува: „Кажете му на светот дека се враќаме дома“. Тоа е дом што никогаш не го виделе. Нивните родители беа истерани од Нагорно Карабах пред речиси 30 години, но сега имаат намера да се преселат таму за да изградат нов живот.
Претседателот Алиев рече дека договорот е од „историска важност“ и дека претставува „капитулација“ од страна на Ерменија.
Премиерот на Ерменија рече дека неговата одлука се заснова на „длабоки анализи на борбената состојба и во дискусија со најдобрите експерти од оваа област“.
„Ова не е победа, но нема пораз сè додека не се сметате себеси за поразени“, рече Пашинјан.
Ерменскиот водач во Нагорно Карабах, Араик Харутијан, рече дека прекинот на огнот е неизбежен по загубата на вториот по големина град во Карабах, Шуша (на ерменски јазик познат како Шуши).
Веќе се водеа битки на периферијата на главниот град на Карабах, Степанакерт, и ако продолжеше конфликтот, целиот Карабах ќе беше изгубен, рече тој на Фејсбук. „Ние ќе имаме многу повеќе загуби“, рече тој.
Во главниот град на Ерменија, голема толпа народ се собра да протестира против договорот, според локалните медиуми. Тие упаднаа во зградите на парламентот и владата, извикувајќи „Нема да се откажеме“.
Демонстрантите провалија во службената резиденција на премиерот и Пашинијан рече дека „украле компјутер, часовник, парфем, возачка дозвола и други предмети“.
Тоа беше ноќ на немири и вознемиреност во главниот град на Ерменија. Но до вторникот наутро се чинеше дека тој гнев згасна.
Водечките политичари, со исклучок на премиерот Никол Пашинијан, водат разговори за изнаоѓање излез од оваа длабока криза. И ова е криза: поразот во Нагорно Карабах е уништувачки.
Демонстрантите кои се собраа овде преку ноќ ја обвинија владата за предавство. Тие веруваа дека борбите требаше да продолжат до крајот и беа сигурни во победата.
Но, во самиот Нагорно Карабах немаше таков оптимизам. Раководството на енклавата претходно призна дека, доколку продолжиле борбите, главниот град Степанакерт би бил изгубен за неколку дена. (Би-би-си)