Ериксен излезе од болница


Фудбалерот на Данска, Кристијан Ериксен, ја напушти денеска болницата во Копенхаген, една недела откако доживеа срцев удар на натпреварот против Финска на ЕУРО2020.

Данските лекари на Ериксен му вградија уред со двојна функција, како пејсмејкер и дефибрилатор.

Дваесет и деветгодишниот Ериксен беше хоспитализиран во саботата, по десетминутна реанимација на тревникот на стадионот „Паркен“ во Копенхаген.

Веднаш по пуштањето од болницата, Ериксен отиде да ги посети своите соиграчи во хотелот.

Познатиот фудбалер сигурно го очекува долго закрепнување, а се уште не е познато дали повеќе ќе игра фудбал. Според италијанските медиуми, Интер решил да почека со заздравувањето на данскиот играч од средниот ред и тогаш ќе одлучи дали ќе го задржи во клубот.