Ердоган: Трамп рече дека нема да воведе санкции за Турција


Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека САД нема да воведат санкции на Турција поради нејзината одлука да набави руски одбранбени ракетни системи С-400, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, неколку часа по состанокот со Трамп.

Ердоган на прес-конференција, по завршувањето на дводневниот самит на Г-20 во јапонскиот град Осака, рече дека Турција ја очекува испораката на борбени стелт авиони Ф-35 од САД и покрај спорот помеѓу Вашингтон и Анкара околу С-400.

Турскиот претседател рече дека руските системи ќе бидат испорачани во неговата земја во првата половина на јули.

Тој денеска на маргините на самитот Г-20 имаше одвоени билатерални состаноци со претседателите на Русија и САД, Владимир Путин и Доналд Трамп.

Главна тема на состаноците беше испораката на руски одбранбени ракетни системи С-400 на Турција, на што Вашингтон се противи.

Како што пренесуваат светските агенции, Трамп по состанокот со Ердоган изјавил дека САД се наоѓаат во „комплицирана“ ситуација околу тоа како да одговори на договорот меѓу Турција и Русија за испораката на С-400, истакнувајќи дека е разговарано и за можни санкции.

Сепак, Трамп изразил разбирање за ставот на турскиот претседател и ја обвини администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама дека Турција ја условувале кога Анкара сакала да набави американски ракети „Патриот“.