Ердоган сака улога во бугарската политика
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прими во неделата (6 јуни) делегација на бугарската партија Движење за права и слободи (ДПС) околу која гравитираат бугарските Турци. Делегацијата на ДПС беше предводена од лидерот Мустафа Карадај, а во неа беше и европратеникот Илхан Ќучук, кој е и известувач за Македонија во Европскиот парламент.
Средбата беше во замокот Вахдетин кај Истанбул, дом на последниот османлиски султан Вахидедин Мехмед VI. Ердоган беше придружуван од турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу и претставници на неговата Партија на правдата и развојот. Засега нема информации за темата на разговорите меѓу делегацијата на бугарската партија.
Пред еден месец, бугарскиот парламент ги укина ограничувањата на гласањето за бугарските граѓани кои живеат во земји што не се членки на ЕУ, со што гласовите на Бугарите во Турција станаа важен фактор на претстојните предвремени парламентарни избори во јули
ДПС очекува да добие најмалку 60.000 гласови од бугарски мигранти во Турција, за што поддршката на Ердоган сигурно ќе биде важна. Максимумот е околу 100.000 гласови, што е еднакво на 8-10 места во бугарскиот парламент.
Една деценија ДПС претпочиташе да се држи настрана од Ердоган, но затоплувањето на односите стана јасно минатата година. Во декември, Ердоган испрати специјална видео-порака со честитки до националната конференција на ДПС. Многу бугарски политички аналитичари сметаа дека пораката на Ердоган е мешање во бугарската внатрешна политика. Но дојде времето кога Ердоган го загуби својот пријател во Бугарија – поранешниот премиер Бојко Борисов, кој често лобираше за него во Брисел.
Односите меѓу ДПС и Ердоган беа на најниска точка во 2016 година. Тогаш Турција им забрани на почесниот претседател на ДПС Ахмед Доган и највлијателниот пратеник на партијата, Делјан Пеевски да влезат во земјата. Тогаш Пеевски беше наречен „проруски олигарх“.
Пред помалку од една недела, САД воведоа санкции против Пеевски. (Еурактив)