Ердоган: САД ни предлагаат Ф-16 во замена за инвестицијата за Ф-35


Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека САД понудиле на Турција да и продадат борбени авиони Ф-16 во замена за нејзината инвестиција за Ф-35.

Ердоган претходно наведе дека Турција сака надомест за инвестицијата од 1,4 милијарди долари за купување на авионите Ф-35. Турција имаше порачано над сто авиони Ф-35, но САД се откажа од продажбата во 2019 година откако Анкара набави руски ракетен систем С-400.

Изминатите пет години се влошени односите помеѓу двете најголеми армии во НАТО поради несогласувањето за Сирија, зближувањето на Анкара со Москва, турските амбиции во источен Медитеран, состојбата со човековите права и медиумските слободи во Турција. Одлуката за купување на С-400 резултираше со американски санкции.

Во декември 2020 година, Вашингтон ги стави на црната листа Дирекцијата на турската одбранбена индустрија, нејзиниот шеф Исмаил Демир и уште тројца вработени. Оттогаш, САД постојано ја предупредуваат Турција да не купува дополнително руско оружје.

Ердоган изјави  дека Анкара и понатаму планира да ја купи втора серија системи С-400, што може дополнително да го продлабочи спорот со Вашингтон.

Барањето за купување американски авиони тешко дека ќе добие одобрение од американскиот Конгрес. Демократите и републиканците во Конгресот се обидуваат да ја принудат администрацијата на претседателот Џо Бајден да го засили притисокот врз Анкара, пред се поради купувањето руско оружје и состојбата со човековите права.