Ердоган: САД го толерира „варварството“ на Израел


 

Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Турција, во говорот во саботата рече дека е можен поправеден свет „но не со Америка бидејќи САД стојат со Израел“, пренесува АП.

Ердоган го искористи својот говор за човековите права за да го обвини Западот за „варварство“ за неговиот став во врска со војната меѓу Израел и Хамас и, како што рече, толерирањето на исламофобијата.

„Израел изврши злосторства и масакри кои ќе го срамат целото човештво“, рече Ердоган во преполната сала во Истанбул ден пред 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права.

„Во Газа се убиваат сите вредности кои се однесуваат на човештвото. Соочени со таква бруталност, меѓународните институции и организациите за човекови права не преземаат никакви конкретни чекори за да ги спречат ваквите прекршувања“.

Декларацијата за човекови права, прогласена од Генералното собрание на ОН во Париз на 10 декември 1948 година, го зацврстува стандардот за човекови права и слободи за сите луѓе.

„Од сега па натаму, човештвото нема да мисли дека САД ја поддржуваат Универзалната декларација за човекови права“, рече Ердоган.

Тој рече дека исламофобијата и ксенофобијата „ги проголтуваат западните општества како отровниот бршлен“ и се најголемата закана за човековите права. Тој ѝ рече на егзалтираната публика дека единствената вредност на која „Западот се држи е неговото варварство. Овој пример на варварството на Западот го видовме во сите тие немили настани што тие или ги поддржаа или ги извршија“.

Досието за човекови права во Турција за време на две децении на власт на Ердоган беше често критикувано поради таргетирањето на владините критичари и политичките противници, поткопувањето на независноста на судството и слабеењето на демократските институции.