Ердоган подготвува нов „Век на Турција“
Турскиот претседател чекори внимателно, но неговата цел е во мултиполарниот свет Турција да го преземе своето вистинско место како нов центар на моќ

(Од нашиот известувач)
ИСТАНБУЛ/АНКАРА – Со помоќен глас од тоа што годините му го дозволуваат, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на денот на одбележувањето на годишнината од обидот за државен удар во 2016 година ја опиша визијата за нова Турција. Според него, тоа ќе биде „Турција ослободена од тероризам, во ист таков регион што ќе доведе до Век на Турција“ – односно врв на нејзината политичка, економска, меѓународна моќ и внатрешно единство.
„Во мултиполарниот свет Турција ќе го преземе своето вистинско место како нов центар на моќ“, порача најдиректно Ердоган.
Кое ќе биде, пак, неговото место во таа проекција на новата големина, е прашање кое е важно во моментов, по 22 години владеење со земјата, кога Турција ја тресе инфлацијата, а неговите политички ривали имаат сѐ голема поддршка во анкетите.
Ваквата порака на Ердоган како ехо ја повторуваа функционерите од неговата владејачка АКП партија деновие, за време на одбележувањето на првиот неуспешен обид за државен удар во Турција од 1960 година. Пораката беше наменета за дома, но и за меѓународната заедница, која сѐ уште има сомнежи околу случувања на 15 јули 2016 година, по кои уследија повеќегодишни политички пресметки со подржувачите на организацијата ФЕТО, обвинета за обидот за државен удар, но и против политичките опоненти во земјата, оправдани како борба против предавниците и против тероризмот.
Некои факти од 15 јули сепак се многу јасни: Никој не ја спори храброста и решеноста на турскиот народ таа ноќ, пред девет години, да ја одбрани демократијата во земјата, односно да ја одбрани националната волја изразена на избори. Никој не го спори и тоа дека турската армија пред тоа беше силен политички фактор, надвор од цивилна контрола на владите. Но, беше и силен заштитник на секуларизмот што го трасираше Кемал Ататурк, кој и сега е најголема политичка икона во земјата и Ердоган не успева да ја надмине таа големина, без оглед што и дома и надвор се ценат неговите лидерски квалитети и улога во развојот на денешна Турција, настрана од критиките за авторитаризам.
Она што пречи се случувањата потоа и бескрајната пресметка со тие што ги нарекува предавници, терористи и душмани на државата, луѓе кои не се лојални на земјата, кои според него предизвикуваат неединство во Турција, зад кои стојат странски интереси и одработуваат за странски агенди, наспроти изразената политичка волја во Турција. Практично, и додека се одбележуваше Денот на демократијата, се апсеа политичките противници во име на заштита на демократијата, така што билансот сега е 11 притворени градоначалници на опозицијата и стотици пониски локални функционери.
И главната порака беше дека таа борба за демократијата, што ја издигнаа на највисоко, ќе продолжи и дека ќе се зацврсти со уставни измени за кои ќе бидат сите консултирани, што остави знак на прашалник дали тоа ќе значи и отворање простор за нов мандат на турскиот претседател – кој сега има ограничување со Уставот и на изборите во 2028 година не може да биде дел од трката. Според проценките во Анкара, Ердоган сепак има повеќе опции, од тоа дека веќе си нашол прифатлив наследник или дека може да свика предвремени избори и да го избегне уставното ограничување, ако се покаже тешка промената на уставот.
Според она што можеше да се види овие денови во Турција, претседателот Ердоган ја гради својата политичка иднина на два столба – портретирајќи се себеси како глобален лидер кој ја прави земјата меѓународен фактор (во што успева) и како единствен лидер на партија која води сметка за националната волја, која во голема мерка го вклучува вртењето кон исламизмот и поткопувањето на деценискиот секуларизам во земјата. Борбата е дали Ердоган ќе го замени местото на Ататурк и вториот ќе го снема од пиедесталот на Турција или и натаму неговите портрети масовно истакнати во Анкара и другите негови политички упоришта ќе стојат покрај „таткото на нацијата“ – што е јасна порака за идеологијата што се преферира во земјата.

Токму затоа одбележувањето на 15 јули за турскиот претседател и неговата администрација е настан многу поголем од обидот за државен удар, што се покажа и од масовноста со која годинава тој се славеше од власта, од институциите, од организациите, од медиумите и од поддржувачите. Програмата, имено, вклучуваше 21.000 проекти остварени изминатите две години, повеќе дебати на оваа тема на кои учествуваа највисоките турски функционери, над 200 поканети странски и домашни новинари да ги следат настаните, изложби и видеопрезентаци за државниот удар во сите институции, па и на аеродромот во Истанбул. Вклучен беше и воз што со секвенци од 15 јули патуваше низ градовите, промоција на музеите посветени на тој датум, емитување на сведоштва на граѓаните низ медиумите, па и панели на оваа тема во Тирана, Виена, Берлин, Сараево и Варшава и комбиња со ЛЕД екрани на кои се емитуваше видео содржина за обидот за државен удар во Њујорк и во Лондон.
Во оваа масивна пи-ар операција невидена за нас, со читање цитати од Куранот во слава на 253-те жртви на држаниот удар и 2.740 повредени беа вклучени 90.000 џамии, но и овојпат ѕвезда беше новинарката Ханде Фират, која на 15 јули во живо на телевизија го поврза директно Ердоган, а тој ги повика граѓаните да излезат на улица и да ја одбранат демократијата нападната од ФЕТО.
Во тој контекст беше споменато и Скопје како еден од центрите надвор од земјата каде што добиле поддршка, покажувајќи дека Турција „е поголема од неа самата“, како што оцени Ердоган во говорот. Отпорот тој ден тој го нарече епски и триумф на храбрите граѓани над предавниците, оставајќи простор како и останатите функционери дека зад обидот да биде симнат од власт стојат странски сили и надворешно влијанија.
Тоа играње на картата на надворешни непријатели и анти-империјализам, дека меѓународната заедница не ја сака Турција, е видливо во Анкара во пораките, а пред сѐ во музеите.
„Луѓето да излегоа на улиците во друга земја и да го демонстрираа овој отпор, веројатно тој ќе беше наведен како пример во книгите за демократија низ целиот свет. Но, за жал, во ноќта на 15 јули светот што го нарекуваме ‘демократски’ го игнорираше овој невиден отпор во Турција. Долго време го одржуваше овој став. Ова е нивна срамота. Ниту меѓународните медиуми не се однесуваа праведно. Ако ги оставиме настрана исклучоците и, секако, менталитетот на ФЕТО, поголемиот дел од нашите национални и локални медиуми покажаа многу чесен и коректен став. Тие застанаа на страната на демократијата, татковината, нацијата и националната волја“, порача во говор потпретседателот на Турција, Џевдет Јилмаз.
Јилмаз потоа нагласи дека националната волја мора да се зајакне и дека дискусиите за нов устав се непроценливи во овој контекст. Тој изјави дека Турција мора да се ослободи од уставите донесени во ерата пред државниот удар и обликувани од перспективите на одредени надворешни сили.
„На нашата земја ѝ е потребен нов устав што ќе биде обликуван со најширок можен општествен консензус. Потребен и е устав што поедноставно ги изразува граѓанските, либералните и инклузивните институции, многу поефикасно ги дефинира меѓуинституционалните односи и го олеснува функционирањето на државата. Верувам дека во наредниот период мора да работиме на ова прашање и со владата и со опозицијата. Мора да ги подигнеме нашите демократски стандарди и да ги подигнеме на уште повисоко ниво. Со новиот Устав и другите поврзани напори, верувам дека Турција ќе биде многу посилна демократија во иднина. Никој нема ни да помисли да ја нападне националната волја“, порача тој на еден од панелите.

Валијата на Истанбул, Давут Гул, беше уште подиректен. Тој се пожали дека освен НАТО и Катар немало земји што им дале поддршка додека траел обидот за државен удар, туку го сториле тоа откако виделе дека пропаднал, па порача дека Турција сака другите да им веруваат и да бидат со неа, но ќе преживее и без таа поддршка. Тој исто така порача дека борбата со ФЕТО е динамичен процес и дека таа ќе продолжи бидејќи оваа организација е „како болест, како бизнис што трае и како активност на некој чиј мозок е украден“, па го повика бог да им помогне.
Тој исто така оцени дека ФЕТО пред 2016 година манипулирале со емоциите на граѓаните, ги користеле слабостите на државата и ги злоупотребиле институциите во кои биле инфилтрирани, а по 2016 година во Турција има повеќе политички партии и власта внимава повеќе на јавното мислење.
„Што е векот на Турција? Тоа е век на мир, братство и национално единство. Векот на Турција е век на попросперитетна Турција, многу поефикасна и помоќна земја на меѓународната сцена. Тоа значи голема и моќна Турција. Решени сме да го градиме овој век и веќе сме во овој процес. Затоа, ја градиме нашата иднина со оваа перспектива“, уверуваше Јилмаз на панелот.

Пораките се уште посилни во музеите за 15 јули. Во музејот во Истанбул видео презентацијата почнува со приказ на идилично утро на граѓаните кое се претвора во ноќен кошмар. Се слушаат снимени гласовни пораки со наредба на пучистите да пукаат на сѐ што ќе им наиде, дури и на амбулантни возила и на сите „плави“ (полициски) возила. Се вртат снимки од бомбардирањето на дел од парламентот, од тенковите што газат автомобили на улица, од пукањето на Босфорскиот мост кој сега се вика „15 Јули“.
Се гледаат сцени од граѓани како голораки и со знаме во раце ги сопираат воените возила и даваат отпор, и како умираат – држејќи ги и натаму. Се слушаат извици на граѓани како порачуваат „нема да ја дадеме земјата никому, земјата е наша“ и снимка од Ердоган како ги повикува да излезат на улица и да ја бранат народната волја, со порака до пучистите дека „нема да ја поделат земјата, дека нема да ја уништат“.
„Една земја, едно знаме, една нација, една татковина“, порачува турскиот лидер во историското сведоштво.
Тоа, како што се нарекуваше „светло утро на темен ден“ граѓаните не ни знаеле на почетокот што се случува, дали е државен удар или е воена вежба. Во музејот се изложени обувките на сите 223 загинати во обидот за државен удар, кои се слават како херои и жртвеници, нивните имиња се напишани на зид, изложени се нивните лични предмети, но и мобилниот телефон на новинарката што го вклучи Ердоган во живо и го спаси од пучот.
Она што следеше беше дел од наративот за меѓународната заедница која, според Анкара, нема соодветно разбирање за настанот.

Имено, од одбрана на демократијата пораките се преточија во одбрана на светот од неправдата во меѓународниот поредок, бидејќи Анкара сака себе да се види како лидер на хуманиот свет, а обидот за државен удар каако еден од серијата такви настани против демократијата во светот. Па, така, во овој дел може да се види статуа на црнец окован во синџири како илустрација за ропството, изложба за ерата на колонијализмот и неправдите од него, историјат на државните удари во светот и жртвите од нив, гледањето на Анкара за „империјализмот“ поврзано со лакомоста за пари, презентација за етничките чистења во светот, меѓу кои се споменати Косово и БиХ.

Преставени се и сите економски ембарга против други земји, периоди на културни хегемонии, диктатури во светот илустрирани со бесилки и зид на светските лидери борци за поправедни општества, меѓу кои покрај Кемал Ататурк се Махатма Ганди, Че Гевара, Нелсон Мандела, Мартин Лутер Кинг, Малком Икс и – Алија Изетбеговиќ, поранешниот претседател на Босна и Херцеговина во времето на распадот на Југославија. Нема ништо за борбата за слобода на Украина, не се гледа ништо за окупациите на Русија иако некои се случија во соседството, уште помалку за воените интервенции на Турција.

Надвор пак од музеите има друга реалност: Анкара преплавена од постерите на Ататурк и Ердоган и Истанбул повеќе налик на старите времиња, посекуларен и поглобалистички. Се забележува и синдром „Дубаи“, видлив од многуте изградени скајпери, меѓу кои и двете кули на Доналд Трамп во центарот на градот, што не ја спасија Турција од зголемени даноци.

Се гледа економски развој, улиците на Истанбул се повеќе наликуваат на „империјалистичкиот“ Запад, но се гледа и егзистирање на две спротивни општества – секуларното и исламистичкото. За некој што долго не бил во Турција беше чудно што секој официјален настан во земјата започнуваше со имам кој чита цитати од Куранот, што има џамија среде огромната претседателска палата, што е се поголемо присуство на исламска облека, па и радикална и се пејат молитви од џамиите секој саат – до полноќ.
Потпретседателот Јилмаз уверуваше дека власта ги сака различностите, а впечатокот беше дека не им се брза да ја наметнуваат идеологијата на другите. Оценката на познавачи на Турција беше дека турскиот претседател чекори внимателно, но впечатокот е дека во моментов Турција повеќе е свртена кон исток отколку кон западот, со вредностите што ги носи тој.