Ердоган подготвен да посредува помеѓу САД и Иран


Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган изјави дека е подготвен да посредува помеѓу Вашингтон и Техеран со цел да се намалат тензиите за иранската нуклеарна програма.
Тој посочи дека во својата евентуална улога на посредник разговарал со јапонскиот премиер Шинѕо Абе за време на Самитот на Г-20 во Осака.

Ердоган наведе дека Абе го прашал дали можат заеднички да дејствуваат како посредници, при што турскиот претседател одговорил дека е подготвен да се сретне со иранските лидери.

Претседателот на Иран, Хасан Рохани вчера најави дека од 7 јули ќе го зголеми нивото на збогатен ураниум.

– Доколку останатите потписници на нуклеарниот договор не го исполнат своите ветувања, тогаш нуклеарниот реактор Арак по 7 јули годинава се враќа на претходните активности, изјави вчера Рохани.

Претходно, Иран на 1 јули соопшти дека ја надмина границата на резерви на збогатен ураниум договорена со мултилатералниот договор во 2015 година. Тоа беше прво отстапување од договореното од страна на Техеран откако САД минатата година еднострано се повлекоа од договорот.

Иран, со Договорот што во 2015 година го потпиша со САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија, се обврза да ја ограничи активноста за збогатување на ураниум, а за возврат му беше ветено укинување на меѓународните санкции.

Трамп минатата година еднострано ги повлече САД од Договорот и воведе дополнителни санкции кон Иран. Официјален Техеран побара од останатите земји потписнички на Договорот да го заштитат Иран од американските санкции, а во спротивно најави дека нема да се придржува до спогодбата.