Турција се согласи Финска да влезе во НАТО, објави Ердоган


 

Турција одлучи да го започне процесот на ратификација на пристапот на Финска во НАТО, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на прес-конференција во петокот во Анкара.

„Одлучивме да го започнеме парламентарниот процес на ратификација на протоколот за пристапување на Финска во НАТО“, рече Ердоган.

Финска и Шведска ја објавија својата намера да се приклучат на НАТО во мај, откако руската инвазија на Украина предизвика ненадејна промена во ставовите кон пристапувањето во блокот.

Ердоган рече дека верува оти НАТО „ќе стане уште посилен преку членството на Финска“ и „ќе игра поефикасна улога во зачувувањето на глобалната безбедност и стабилност“.

„Со завршувањето на процесот на ратификација, нашите односи со Финска ќе се зајакнат врз основа на НАТО Алијансата“, рече тој.

Турција и натаму има забелешки за барањето на Шведска.