Ердоган: Одлуката за прегласување во Истанбул е важен чекор за демократијата


Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека одлуката на врховното изборно тело на земјата за повторни избори во Истанбул е важен чекор во зајакнувањето на демократијата во Турција, јави агенцијата Анадолија.

– Оваа одлука на Врховната изборна комисија на Турција, која ќе ја отстрани сенката од изборите во Истанбул, ја гледаме како важен чекор во зајакнувањето на демократијата на Турција, рече Ердоган за време на неговото обраќање на состанокот на парламентарната група на владејачката Партија за правда и развој.

Изјавата на турскиот претседател доаѓа еден ден откако Врховната изборна комисија на Турција објави дека повторните избори во Истанбул ќе се одржат на 23 јуни.

Членовите на Комисијата ги прифатија приговорите на Партијата за правда и развој (АКП) за резултатите од локалните избори во Истанбул, со седум гласа „за“ и четири „против“.

Врховната изборна комисија на Турција соопшти дека одлуката била донесена бидејќи некои членови на Комисијата за време на изборите не биле државни службеници како што било пропишано според закон.

Тој нагласи дека „не постои такво нешто дека АКП не ги прифаќа резултатите кои произлегуваат од гласачката кутија“.

– Ние искрено сметаме дека на изборите во Истанбул се случи организирана корупција, крајно беззаконие и нерегуларност, ја пренесува Анадолија изјавата на турскиот претседател.