Ердоган е против Финска и Шведска да влезат во НАТО

Турскиот претседател тврди дека двете земји биле „дом на многу терористички организации“


 

Претседателот Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Турција не се залага за плановите на Шведска и Финска за влез во НАТО, велејќи дека двете земји се „дом на многу терористички организации“.

„Внимателно ги следиме случувањата во врска со Шведска и Финска, но не сме во позитивен начин на размислување“, им рече Ердоган на новинарите.

Претходните влади во Турција донесоа „погрешна“ одлука при прифаќањето на членството на Грција во НАТО, рече претседателот. „И го знаете ставот на Грција против Турција, а зад неа стои НАТО. Како Турција, не сакаме да ја направиме втората грешка во овој поглед“, додаде тој.

„Покрај тоа, скандинавските земји, за жал, се речиси како куќи за гости за терористички организации. ПКК, ДХКП-Ц се вгнездени во Холандија и Шведска. Дури одат и понатаму, земаат учество и во парламентите таму. Не е можно да имаме позитивен поглед“, изјави Ердоган.

Објаснувајќи ја средбата меѓу американскиот претседател Џо Бајден и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Белата куќа на 9 мај, Ердоган рече: „Ќе го заземеме нашиот став откако ќе видиме сè, особено откако ќе ги видиме изјавите на Бајден“.