Ербас минатата година ја заврши со загуба од половина милијарда евра


Европската авијациска групација „Ербас“ објави дека ја заврши 2020 година со загуба и пад на приходите, поради падот на побарувачката за нови авиони во времето на пандемија на коронавирусот.
 
Приходите на „Ербас“ лани паднаа за 29 проценти, на 49,9 милијарди евра.
 
Компанијата ја заврши годината со консолидирана загуба пред оданочувањето и каматата од 510 милиони евра. Кога ќе се исклучат трошоците за преструктуирање и затворање на загубарската програма А380, таа забележа консолидирана приспособена заработка пред каматите и даноците (ЕБИТ) од 1,7 милијарди евра.
 

Трошоците достигнаа 6,9 милијарди евра, како одраз на влијанието на пандемијата и казната од 3,6 милијарди евра, што компанијата ја доби на почетокот на оваа година поради мито.

Во 2021 година, компанијата очекува прилагодена оперативна добивка од две милијарди евра.

Извршниот директор Гијом Фори очекува да испорача „најмалку“ 566 авиони оваа година, како и во 2020 година кога производството беше 40 проценти под највисокото ниво.

– Вистинското ниво на испораки ќе зависи од побарувачката на авиокомпаниите, а не од синџирите на снабдување или финансирањето, рече извршниот директор на „Ербас“.