Ербас и Ер Франс не се виновни за авионската несреќа пред 14 години


Париз- Судот во Париз денеска пресуди дека европскиот производител на авиони Ербас и авиокомпанијата Ер Франс не се виновни за „убиство од небрежност“ во случајот со падот на летот АФ447 пред речиси 14 години, кога загинаа 228 лица.

Парискиот суд во образложението на пресудата навел дека двете компании занемариле дел од своите обврски, но дека тоа не е доволно за да ги прогласи за одговорни за најтешката авионска несреќа во историјата на Франција, пренесува Ројтерс.

Евентуалната причинско-последична врска не е доволна, не може да се окарактеризира како правен прекршок“, се наведува во соопштението на судот.

По двегодишна потрага по „црната кутија“ од А330, истражителите заклучиле дека пилотите несоодветно реагирале на откажувањето на сензорите за брзина кои замрзнале за време на невремето.

Се вели дека пилотите не биле обучени за оваа ситуација.

Патничкиот авион А330, кој летал од Рио де Жанеиро за Париз, исчезнал во тропска бура на 1 јуни 2009 година, а никој не ја преживеал несреќата, потсетува британската агенција.