„Ептиса“: Неоправдано се дискредитира и поткопува нашиот углед


Компанијата „Ептиса“ која се најде во центарот на вниманието по изборот на компанија која ќе го врши надзорот за автопатските делници што ќе ги гради „Бехтел и Енка“, денеска реагираше на пишувањата на медиумите велејќи дека станува збор за невистинити и неосновани информации. Со тоа, како што велат, неоправдано се доведува до дискредитација и поткопување на угледот на „Ептиса“.

„Најпрво, нагласуваме дека лицето Бранислав Димитријевиќ и неговата компанија, споменати во контекст на активности во Ерменија, никогаш не биле ангажирани или вработени во „Ептиса“. Договорот во Ерменија го водеше друга консултантска компанија како лидер. Нашата улога во тој проект беше како партнер. Лидерот беше одговорен за спроведување на проектот – истакнуваат од „Ептиса“.

Во однос на наводите дека Владата претходно донела одлука да не се користат услугите на „Ептиса“, од оваа компанија велат дека таква одлука не е донесена.

„Напротив, преку Извадок од записник од седницата на Владата заклучува и дава насоки до органите на централната власт да не се користат услугите на ‘Ептиса’. Овој заклучок, по писменото барање од страна на ‘Ептиса’, а поради правна неоснованост беше повлечен од Владата. Нагласуваме дека компанијата ‘Ептиса’ работи исклучиво согласно законот, на никој начин не е поврзана со криминални или коруптивни активности и поради тоа не постои, ниту пак се води постапка пред било кој орган во Република Северна Македонија со кој се ограничува или спречува делувањето на ‘Ептиса’“, посочуваат од компанијата.

Од таму додаваат дека таква одлука може да ја донесе само надлежен суд, а таква одлука не постои за „Ептиса“.

„’Ептиса’ докажа дека постапувала професионално и на непристрасен начин го спроведувала споменатиот проект“, велат од „Ептиса“

Во однос на проектот на „Бехтел и Енка“, договорот за надзор го потпиша ИРД, додека „Ептиса“ е само дел од конзорциумот и при реализацијата ќе има мала улога. Дополнително, ИРД го предводеше процесот на одлучување кои други компании ќе бидат дел од конзорциумот.

„ИРД ќе биде водечка, како и одговорна компанија за спроведување на проектот. ‘Ептиса’ немаше никакво учество ниту беше консултирана при изборот на другите компании во конзорциумот за надзор на проектот на ‘Бехтел и Енка’“ – нагласуваат од „Ептиса“.

Од компанијата велат дека ги поседуваат сите потребни лиценци за проектирање и надзор на територијата на Северна Македонија, во согласност со позитивното законодавство на земјата. Притоа додаваат дека во Југоисточна Европа, како и во Северна Македонија, „Ептиса“ спроведува проекти од 2005 година, односно компанијата била дел од реализација на 275 проекти со вредност од 250 милиони евра. Сите проекти се спроведени на професионален начин во согласност со договорните услови. Во наведениот период Владата на Северна Македонија ја предводеа различни политички партии.

Во врска со информациите околу сопственоста на компанијата, во реакцијата до медиумите се вели дека „Ептиса“ е меѓународна компанија со седиште во Мадрид, Шпанија. „Ептиса“ делува како шпанска компанија – основана во Шпанија и правно и финансиски работи според шпанскиот правен, финансиски и управен систем. „Ептиса“ има канцеларии во повеќе од 50 земји низ светот.

„Ептиса“ е основана во 1956 година и се смета за една од најстабилните и најрелевантните консултантски, инженерски, архитектонски и информатичко- технолошки компании од Шпанија. За период од повеќе од 60 години работа, „Ептиса“ стана синоним за квалитет и професионализам, докажувајќи ја својата способност да одговори на барањата на сè покомплексниот и предизвикувачки пазар, се вели во реакцијата.

„Ептиса“ е во сопственост на JSTI GROUP, давател на инфраструктурни сеопфатни решенија. JSTI е основана во 1978 година и официјално котира на Shenzhen Stock Exchange (Stock Code: 300284). Во 2016 година, склучи стратешки сојуз со водечкиот светски давател на консултантски услуги „Ептиса“. Информациите што укажуваат на криминален капитал во сопственоста на компанијата се целосно лажни и навредливи, реагираат од компанијата, од каде што целосно ги демантираат информациите што изминативе денови се споделуваат од медиумите, како и од дел од политичките партии.

„Како компанија со глобално реноме, ‘Ептиса’ прави проценка на негативните ефекти врз нејзиниот углед и ќе ги искористи сите законски средства на располагање со цел тие штети да бидат надоместени“, се вели во реакцијата.

И од Јавното претпријатие за државни патишта ја бранат одлуката за избор на компании кои што ќе го вршат надзорот на изградбата на автопатскит еделниц од Коридорот 8 и 10д. 

На средба со медиумите за проектот за кој се отвори дебата во јавноста околу компаниите вклучени во конзорциумот ИРД што беше избран за надзор, директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми потенцираше дека постапката поминала и на управна контрола  од каде се изјасниле дека е според закон.

„Ќе ја почекаме и Антикорупциската комисија и сите институции нека го кажат својот став“, рече Рустеми.

Од ЈПДП потенцираат дека ниту една од компаниите во конзорциумот за надзор, немала забрана за работа, односно негативна референца. Доколку имала негативна референца самиот електронски Систем за јавни набавки ќе го покажел тоа, а согласно со Законот како што се бараат документи за правното лице, се бараат и за физичко лице, сопственикот на компаниите, од Централен регистар и од судовите.

„Во ниту еден Закон не евалуираме акционери, туку компании, референци на компании. За тие компании што ние ги избравме нема забрана за работа. Членовите на комисијата се семејни луѓе и дале се од себе и од своето време да извршат евалуација. Транспарентни сме и имаме 500 страници извештај со сите три понуди“, рече Рустеми.

Од ИРД, конзорциумот избран за правен и трансакциски советник и надзор, пак, исто така потенцираа дека фирмите во нивниот конзорциум немаат никаква забрана за учество во постапки за јавни набавки.

„Проверуваме дали ги исполнуваат условите што се пропишани со огласот и е утврдено дека ги исполнуваат“, посочија од  ИРД.

Со Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д, ќе се градат четири автопатски делници во должина од 108,8 километри, а вредноста е 1,3 милијарди евра, без износот за проектирање и експропријацијата.

Договорот со „Бехтел и Енка“, кои со Закон се номинирани за стратешки партнер од државата во проектот, беше потпишан минатата недела во Владата, а Антикорупциската комисија отвори предмет  за да се проверат објавите за една од компаниите во конзорциумот избран за надзор.