„Епл“ планира да го префрли производството на „ајфон“ од Кина во Индија за да избегне царини


Епл планира да префрли дел од производството на Ајфон (iPhone) од Кина во Индија за да го ублажи влијанието на новите американски царини наметнати на кинеските производи од страна на претседателот Доналд Трамп, објави Волстрит журнал.

Извори блиски до компанијата велат дека тоа е привремена мерка додека Епл се обидува да добие ослободување од тарифите, што веќе го постигна за време на првиот мандат на Трамп. Компанијата во моментов не сака радикално да го промени својот долгорочен синџир на снабдување, кој сè уште многу се потпира на Кина.

Увозот на Ајфон од Кина во моментов е погоден со царини од 54 проценти, додека увозот од Индија е предмет на многу пониска стапка од 26 проценти. Како одговор на американските мерки, Кина воведе царини од 34 отсто за некои американски производи. Претседателот Трамп побара од Кина до денеска да ги укине возвратните царини, во спротивно тој се заканува со дополнителни царини од 50 отсто, што предизвика пад на вредноста на акциите на Епл.

Поради постоечките царини, цената на најновиот Ајфон е зголемена за 1.000 долари, па новиот модел би можело да чини дури 2.300 долари.

Администрацијата на Трамп дополнително го зголеми притисокот врз американските и странските технолошки гиганти, а Епл сега се обидува да избегне зголемување на цената на неговите производи поради дополнителните трошоци за увоз од Кина. Доколку царините останат на сила, Епл би можел трајно да го зголеми своето присуство во Индија, каде што веќе има производствени капацитети. „Ова е краткорочно решение додека не се разјасни ситуацијата“, велат од Епл.