Епл може да биде казнет со 500 милиони евра, ги мамеле корисниците во Европа

Европската комисија истражува дали американската компанија ги блокирала музичките апликации да им нудат на корисниците поевтини начини за претплата


Епл може да се соочи со казна од ЕУ од дури 500 милиони евра за ограничување на пристапот до услугите за стриминг на музика, што би било голем удар за американската технолошка компанија, пишува Гардијан.

Европската комисија истражува дали американската компанија ги блокирала музичките апликации да им нудат на корисниците поевтини начини за претплата без да бидат во продавницата за апликации на Епл, од која Епл собира приходи.

Казна од 500 милиони евра би била првата значајна пресуда против Епл по повеќегодишни жалби против компанијата, чии услуги се обезбедуваат преку апликации на мобилните телефони ајфон (iPhone).

Шведската компанија за стриминг Спотифај (Spotify) поднесе жалба до ЕУ во 2019 година, тврдејќи дека Епл го ограничува изборот и конкуренцијата во својата продавница за апликации со наплата на надомест од 30% за сите купувања. Епл исто така ги спречи Спотифај и другите компании да ги информираат клиентите на нивните телефони дека можат да ја избегнат провизијата и да добијат подобра зделка, едноставно со пријавување на веб-страницата на Спотифај.

Епл тврди дека нивниот надомест е оправдан бидејќи трошат многу за да ја одржат продавницата безбедна и да му дадат пристап на Спотифај на стотици милиони корисници. Сепак, Спотифај тврди дека сопствената услуга за стриминг музика на Епл, Епл мјузик (Apple Music), не подлежи на истите такси, што автоматски го прави поевтин и поатрактивен, поткопувајќи ја конкуренцијата.

Европската комисија на тој начин може да ги прогласи дејствијата на Епл за нелегални и против правилата за конкуренција на пазарот на ЕУ. Комисијата, исто така, би можела да ја забрани практиката на блокирање музички услуги кои рекламираат поевтини претплати надвор од платформата.

Епл сè уште не се соочил со парична казна од Европската комисија за конкуренција, иако беше казнет со 1,1 милијарди евра во Франција во 2020 година поради кршење на правилата за конкуренција.