„Епл“ купува компанија на секои три до четири седмици


„Епл“ купи околу 100 компании во последните шест години, откри извршниот директор на компанијата Тим Кук, пренесува Би-Би-Си.

– Тоа значи дека, во просек, се купува компанија на секои три до четири недели, рече тој на годишното собрание на акционерите на „Епл“.

Епл неодамна ги обезбеди своите најголеми квартални приходи на сите времиња, достигнувајќи 111,4 милијарди долари во првиот квартал од фискалната 2021 година.

Кук на состанокот на акционери изјави дека аквизициите се насочени првенствено кон стекнување технологија и талент.

Најголемата зделка на „Епл“ во последната деценија беше купувањето на „Битс електроникс“, производител на слушалки основан од раперот и продуцент д-р Дре, вреден три милијарди долари.

Друга голема набавка беше компанијата за софтвер за препознавање музика Шазам (Shazam), вредна 400 милиони долари, во 2018 година.

Најчесто, Епл купува помали технолошки компании, а потоа ги вметнува нивните иновации во сопствените производи. Таков пример е PrimeSense, израелска компанија за 3Д сензори чија технологија придонесе за FaceID на Епл.

Списокот на аквизиции и инвестиции на „Епл“ е исклучително разновиден.