„Епл“ ја запре продажбата во Русија како одговор на инвазијата

Продажбата на „Епл“ во Русија на годишно ниво изнесува 7 милијарди долари


 

„Епл“ ќе престане да ги продава своите производи на руска територија како одговор на војната што Русија ја започна против Украина, објави производителот на iPhone во вторникот (1 март), придружувајќи им се на неколку други технолошки компании кои презедоа слични чекори.

„Епл“ ја запре продажбата на сите свои производи во Русија и нејзината онлајн продавница сега е затворена, се наведува на руската веб-страница на „Епл“. Компанијата нема физички продавници во земјата.

Во своето соопштение, компанијата исто така рече дека веќе престанала да извезува своја опрема во земјата од минатата недела.

Аналитичарот Џин Манстер од инвестициската фирма Loup Ventures процени во колумните на NPR дека Русија сочинува околу 2% од глобалниот приход на „Епл“, или речиси 7 милијарди долари.

„Епл“претходно ја запре продажбата на привремен период во Турција поради колапсот на локалната валута на крајот на 2021 година.

Најавата доаѓа откако заменик-премиерот на Украина, Михаило Федоров, испрати отворено писмо до извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, барајќи од него „да го поддржи пакетот санкции на американската влада“ и „да направи сѐ што е можно за да ја заштити Украина“.

„Епл“ исто така соопшти дека ја „ограничил“ својата услуга за мобилно плаќање „Епл пеј“, без да прецизира што значи тоа. Компанијата, исто така, оневозможи одредени функции на својата апликација „Епл мепс“ во Украина, како што е известување за инциденти во живо, „како безбедносна и превентивна мерка за украинските граѓани“.