ЕП започна постапка за усвојување резолуција за Србија: Ќе разговараат за насилството врз демонстрантите


Европскиот парламент ја започна постапката за усвојување резолуција за Србија под наслов „Бранови на насилство и континуирана употреба на сила врз демонстрантите во Србија“, по иницијатива на повеќе политички групи од таа институција, пишува српскиот Н1.

Темата на резолуцијата ќе биде разгледана на првата есенска седница на Европскиот парламент, закажана за 8 септември, се наведува на официјалната страница на ЕП за законодавни постапки.

Резолуцијата е класифицирана како RSP (Резолуција за актуелни теми), што значи дека се однесува на итни политички, демократски или безбедносни прашања што бараат реакција од Парламентот.

Во овој случај, предмет се случувањата за време и по повеќемесечните протести во Србија, особено извештаите за прекумерна употреба на сила врз демонстрантите, меѓу кои има и студенти и малолетни лица.

Се очекува Европскиот парламент да усвои политичка оцена за ситуацијата, со можен повик за преземање активности или препораки до европските институции и земјите-членки. Нацрт-текстот сè уште не е објавен.

Повеќемесечните протести во Србија, кои во повеќе наврати предизвикаа реакции кај домашната и меѓународната јавност, резултираа со сериозни обвинувања за прекумерна употреба на сила од страна на безбедносните служби.

Откако започнаа протестите, Европскиот парламент трипати ја разгледуваше ситуацијата во Србија.

Во декември 2024 година беше одржана пленарна дебата за политичката криза во Србија, со фокус на студентските протести и реакцијата на властите по трагедијата во Нови Сад, но без усвојување на посебна резолуција.

Европскиот парламент во февруари усвои резолуција за нерегуларности на декемвриските избори, во која остро се критикуваше злоупотребата на избирачките списоци, фантомските гласачи, притисоците врз опозицијата и нефер медиумските услови. Резолуцијата повика на независна меѓународна истрага и можни санкции од ЕУ доколку продолжи прекршувањето на стандардите.

Во мај, ЕП усвои резолуција како одговор на годишните извештаи на Европската комисија за Србија, во која се констатира ограничен напредок во процесот на европски интеграции. Особен акцент беше ставен на проблемите со владеењето на правото, слободата на медиумите и независноста на институциите.