ЕП се справува со најшокантниот корупциски скандал, летаат „глави“
Штотуку откриениот скандал во Европскиот парламент би можел да биде „најсериозниот“, „најшокантниот“ и „најстрашниот“ корупциски скандал што го погодил Брисел во последните години. Во низа од најмалку 16 рации на белгиската федерална полиција беа приведени пет лица за кои рекоа дека извршиле „прекршоци за криминална организација, корупција и перење пари“. Во утринските претреси беа одземени 600.000 евра во готовина, плус телефони и компјутери.
Првично, виновниците не беа именувани туку опишани како поранешен пратеник во Европскиот парламент, неколку парламентарни асистенти и шеф на синдикатот. Ако обвиненијата се вистинити- Доха навистина направила паметна инвестиција. Меѓутоа, до вечерт, беше јасно дека ова не е само приказна за некои луѓе кои си ги полнеле приватните џебови. Ева Каили, потпретседател на Европскиот парламент и гласен бранител на Доха, заврши во полициски притвор, а истрагата се фокусира на една невладина организација која до неодамна ги собираше некои од најголемите личности во левичарската политика меѓу членовите на одборот.
„Државата Катар категорично отфрла какви било обиди да се поврзе со обвинувања за недолично однесување“, рече катарскиот официјален претставник во изјавата испратена по е-пошта во неделата наутро.
Која е Ева Каили?
Како еден од 14-те потпретседатели на Парламентот, Каили е еден од најмоќните фигури во институцијата, а како поранешна презентерка на вести со статус на славна личност во нејзината родна Грција, една од најгламурозните фигури во Брисел.
Но, Каили, исто така, се појави како еден од најгласните бранители на Катар. Таа неодамна ја нарече земјата „предводник во работничките права“ по средбата со министерот за труд на земјата, и покрај длабоката меѓународна загриженост за условите за градежните работници на стадионите. Членка на централно-левичарската партија на социјал-демократи, нејзиното портфолио вклучува посебни одговорности поврзани со Блискиот Исток.
Партнерот на Каили, Франческо Џорџи, исто така е приведен, според полицијата. Тој е советник за регионот на Блискиот Исток и Северна Африка во Европскиот парламент – и основач на невладина организација наречена Борба против неказнивоста, која има за цел да ја промовира „отчетноста како централен столб на архитектурата на меѓународната правда“. Претседател на „Борба се против неказнивоста“ е Пјер Антонио Панцери, централна фигура во случајот.
Панцери, италијански поранешен европратеник, исто така од социјал-демократите,беше меѓу уапсените во петокот наутро. До вечерта, италијанската полиција ги привел и неговата сопруга и ќерка. Во налогот за нивно апсење стои дека Панцери „политички интервенирал на членовите кои работат во Европскиот парламент во корист на Катар и Мароко“.
Поранешните парламентарни соработници, особено оние кои се поврзани со борба против неказнивоста, исто така се под лупа. Покрај апсењето на Џорџи, полицијата ја запечати и канцеларијата на друг парламентарец кој порано работеше за „Борба против неказнивоста“, кој моментално служи како помошник на белгиската европратеничка Мари Арена.
Арена, која го наследи претседавањето со поткомитетот за човекови права од Панцери и тесно соработува со Борба против неказнивоста, потврди дека канцеларијата на нејзиниот помошник е запечатена. Арена рече дека таа самата не била испрашувана од полицијата.
Според италијанскиот весник Ansa, приведен е и Николо Фига-Таламанка. Тој е генерален директор на друга невладина организација „Нема мир без правда“. Фокусирана на меѓународната кривична правда, човековите права и промовирањето на демократијата на Блискиот Исток и Северна Африка, организацијата има официјално седиште во Њујорк и Рим. Сепак, ја има истата адреса во Брисел како Борба против неказнивоста, на улицата Дукале бр. 41.
Ема Бонино, поранешна либерална европратеничка и министерка за надворешни работи за Италија ја основа „Нема мир без правда“. Таа е наведена како почесен член на одборот. Поранешниот француски премиер Бернар Казнев, поранешниот европски комесар за миграција Димитрис Аврамопулос, поранешната претставничка за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини и поранешната европратеничка Сесилија Викстром се исто така наведени како почесни членови на одборот. Могерини поднесе оставка од одборот во саботата наутро, според портпаролот на Колеџот на Европа, каде Могерини сега е ректор. Аврамопулос во неделата наутро преку е-пошта рече дека тој, Казнев и Викстром исто така поднеле оставка веднаш кога дознале за случајот.
Дали скандалот е ограничен на Европскиот парламент?
Не. Приведени се и Лука Висентини, кој минатиот месец стана генерален секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC). Пред тоа, тој беше долгогодишен шеф на Европската конфедерација на синдикати. Синдикатите на градежници беа некои од главните критичари на Катар за работничките права во пресрет на Светското првенство. Но, дури и пред да го преземе Висентини, ITUC беше забележителен исклучок. Шаран Бароу, претходниот шеф на ITUC, ги повика надворешните критичари на законите за работни односи во земјата „да отидат и да ја разгледаат промената“ во видеото објавено од катарското Министерство за труд во јуни.
Зошто Катар лобира во ЕУ?
Заливскиот емират е домаќин на Светското првенство, но наместо успех за државниот пи-ар, турнирот фрли негативно внимание на земјата. Обвинувањата за поткуп во процесот на наддавање и условите слични како за робовите за странските работници предизвикаа сомнеж во изборот, а либералните критичари го искористија моментот за да ја нападнат позицијата на конзервативната муслиманска земја за правата на жените и ЛГБТК+. Одржувањето на добра репутација е од клучно значење, бидејќи Катар работи на склучување договори со земјите од ЕУ за продажба на неговиот природен гас. Предлогот да им се овозможи на Катарците безвизно патување во Шенген зоната на ЕУ, исто така, напредува во Парламентот – барем така беше.
Како Каили се залагаше за Катар?
Каили веројатно беше лидер на (поголемата група) бранители на Доха во рамките на социјал-демократите. На 24 ноември, на пример, додека пленарната седница ја усвојуваше резолуцијата „со жалење за смртта на илјадници работници мигранти“, Каили излезе на говорницата за да ја пофали „историската трансформација“ на Катар што ја донесе Светското првенство. Слично на тоа, пред 10 дена, таа се појави да гласа за визна либерализација за Катар и Кувајт во парламентарната Комисија за правда и внатрешни работи – иако не е член на комисијата.
Каили, исто така, се отуѓи од европратениците кога за панелот посветен на Блискиот Исток сама го финансираше своето патување бидејќи Доха ја откажа посетата на групата. Делегацијата на Парламентот за односи со Арапскиот Полуостров (ДАРП) планираше да замине во Катар непосредно пред Светското првенство во ноември, за да ги посети капацитетите изградени за првенството и да ги испита промените во законот за работни односи. Меѓутоа, со едвај еден месец најава, консултативното собрание на Катар, познато како Советот на Шура, побара да се одложи посетата. Наместо тоа, Каили отиде во Катар неделата кога требаше да биде таму целосната делегација – и целосно ги пофали работните реформи во емиратот. Според локалниот печат, таа рече дека е таму како преставник на 500 милиони европски граѓани кои го гледаат напредокот на земјата како претставување на заеднички вредности.
„Таа некако ни работеше позади грб“, рече европратеничката Хана Нојман од германските зелени. Доха ја откажа посетата на групата која имаше избалансирана позиција и наместо тоа ја покани Каили, знаејќи дека нејзините изјави ќе бидат помалку критични.
Колку голема скандал е ова?
Групите за набљудување се согласуваат за суперлативите што го следат скандалот. Катарскиот скандал би можел да биде „најеклатантен случај“ на корупција што Парламентот го видел во изминатите години, изјави шефот на Транспаренси интернешнал, Мишел ван Хултен. Алберто Алемано, професор по право во ХЕЦ Париз, го нарече „најшокантен скандал за интегритетот во историјата на ЕУ“. Германскиот европратеник од Зелените, Даниел Фројнд, копретседавач на парламентарната интергрупа за антикорупција, го нарече тоа еден од „најтешките корупциски скандали во Брисел во последните децении“.
Ван Хултен рече дека Парламентот создал „култура на неказнивост… со комбинација на лабави финансиски правила и контроли и целосен недостаток на независен (или навистина каков било) етички надзор“. Исто така, тој предвиде дека ова ќе биде само „врвот на ледениот брег“, надевајќи се дека купот скандали ќе создаде политички моментум за независен етички систем.
ЕК сега треба да предложи независно етичко тело кое ќе важи за сите институции на ЕУ, но речиси сигурно нема да има истражна или извршна моќ. Фројнд тврдеше дека земјите кои не се дел од ЕУ треба да мора да ги следат „релативно добрите правила за лобирање кои веќе се во сила“ во Брисел. Во моментов, земјите што не се членки не мора да се регистрираат во регистарот за транспарентност на ЕУ за групи на интереси и европратениците не треба да ги пријават тие контакти. „ЕУ мора веднаш да го подобри ова“, рече Фројнд.
Патем, невладината организација на Панцери, Борба против неказнивоста, не е наведена во регистарот за транспарентност. Тоа е очигледно прекршување на постојните правила за групите со седиште во ЕУ кои сакаат да го изнесат својот став во Парламентот. Според најновите упатства за регистарот за транспарентност, од невладините организации се бара да вклучат опширни детали за нивното финансирање.
Арена, актуелниот претседавач на поткомитетот за човекови права, тесно соработуваше со Панцери и организацијата Борба против неказнивоста, и притоа патуваше со Панцери за дискусии за граѓанските слободи. Додека ја бранеше сопствената независност, Арена предвиде дека ќе излезат повеќе откритија.
„Ако Катар го прави тоа, тогаш и другите го прават истото“, рече Арена. „И така, мораме навистина да го спречиме овој вид на влијание“.
Реакциите околу овие обвинувања уследија брзо. Групата на социјал-демократите побара предлогот за визна либерализација да се стави во мирување, а известувачот на Зелените рече дека ќе гласа против мерката доколку таа излезе на гласање следната недела. Одделно, Комитетот за надворешни работи на Парламентот планираше да замине во Саудиска Арабија и Катар во наредните недели. Сега вториот дел е откажан – што значи дека главниот ривал на Доха го привлекува целото внимание.
„Секое поврзување на катарската влада со пријавените тврдења е неосновано и сериозно дезинформирано“, се вели во официјалната изјава на Катар објавена во неделата. „Државата Катар работи преку ангажмани на институции со институции и работи во целосна согласност со меѓународните закони и прописи“.
Што е следно?
Доцна во саботата, претседателката на парламентот Роберта Мецола ги суспендираше сите „овластувања, должности и задачи“ на Каили поврзани со функцијата потпретседател. За целосно одземање на титулата ќе биде потребна одлука на парламентарната конференција на претседатели, а потоа и гласање на пленарната седница.
Кога пленарната седница ќе се собере во Стразбур оваа недела, европратениците најверојатно ќе го одземат пратеничкиот имунитет на Каили. Левицата веќе официјално повика да се додаде дебата за инцидентот во дмевниот ред, а гласањето е предвидено во понеделник навечер.
Каили, исто така, е суспендирана од групатана социјал-демократите и од нејзината домашна партија во Грција, Пасок. (Политико)