Нема магично решение за преговорите со Македонија, велат во Европскиот парламент

Пораката е дека уставните измени мора да има ако Македонија сака да оди напред и дека нема ентузијазам во Советот да преговара за веќе договорени прашања


Во Европскиот парламент велат дека прашањето ќе треба да го решат меѓу себе Бугарија и Македонија

 

(Од нашиот известувач)                                                                                                                            СТРАЗБУР – „Немаме илузија дека  разликите што постојат меѓу Северна Македонија и Бугарија можеме да ги надминеме со некое магично решение“, порача денес во Европскиот парламент претседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет меѓу нашата држава и Европската унија, Карло Веслер, европратеник од Хрватска.

„Ова билатерално прашање ќе мора да се реши меѓу двете земји. ЕУ може да биде само помагач, медијатор или олеснувач. Ние ќе работиме, секако, низ отворен и  конструктивен дијалог да најдете излез од оваа ситуација“, порача Веслер околу блокадата на преговорите на нашата држава со ЕУ поради закочените уставни промени.

Тој го одрази расположението во ЕУ околу барањата на нашата влада за одложена примена на уставните измени и некои други гаранции кои ќе ѝ ја направат покомотна позицијата да го изгласа влегувањето на Бугарите во Уставот. Пораката на сите е дека уставните измени мора да се остварат ако Македонија сака да ги продолжи преговорите, дека нема многу ентузијазам во Советот да преговара за веќе договорени прашања, но ако се најде креативно решение тоа може да помине само ако прифати и Бугарија. 

„Вакви билатерални прашања го нарушуваат патот на земјите кандидати кон ЕУ. Ние ќе направиме сѐ што можеме да го продлабочиме разбирањето дека во овие политички моменти нема место за вакви билатерални уцени во процесот“, порача Веаслер гледајќи спас во релаксирањето на односите меѓу политичките преставници на Македонија и на Бугарија. 

 

Неофицијално, друг извор на ЕУ одговорен за односите со Македонија директно порача дека уставните измени мора да поминат ако сакаме да ги продолжиме преговорите со Унијата и дека дали ќе има отстапка во условите зависи пред сѐ од флексибилноста на Софија. Само тогаш, смета тој, Европскиот совет ќе прифати да ги смени условите за Македонија, порачувајќи дека изгледите самиот да направи таков чекор не постојат. Уште повеќе, тој смета дека изгледите да се најде иновитивно решение за спорот се многу мали и малку веројатни и дека на тоа не треба да полагаме многу надежи, бидејќи нема расположение во Советот да се враќа на прашања околу кои еднаш се ангажирал и ги решил. 

Овој извор од Европскиот парламент исто така смета дека парламентарците нема да притискаат  Македонија да ја стигне Албанија, бидејќи ентузијазмот за проширувањето опаѓа дури и околу Украина. Тој, сепак, негираше дека има некаква замореност околу споровите на Македонија, но чувството е  дека „нема што повеќе да направиме“.

Според него, не постои отпор кон барањата на нашата држава, но може да нема многу  ентузијазам за притисок, додавајќи дека Бугарија не е многу силна земја членка на ЕУ со само 17 пратеници, но е многу гласна околу оваа прашање. 

Зад микрофон европарламентарец од народните партии оцени дека билатералните спорови реално ја погодиле нашата држава многу повеќе од било кои други земји, дека станува збор за стратегиски грешки на земји членки и дека има разбирање за фрустрациите и консеквенците  кај нас. Но, и според него, важно е да се почитува договореното и ако сакаме да излеземе од ваквата ситуација треба да најдеме креативно решение, кое сигурно ќе ги вклучи и уставните промени.

На прашањето како во ЕУ се гледа на блискоста на македонскиот премиер и воопшто новата влада со премиерот на Унгарија Виктор Орбан, одговорот беше дека зависи од тоа кого прашувате – лево или десно во политичкиот спектар. Според оценката, оние на кои не им е при срце Орбан тоа не го гледаат тоа како плус за земјата, но тоа не мора да ѝ наштети на нашата евроинтеграција. Сепак, рече тој, некои ќе ги кренат веѓите. 

Околу дилемата дали ако нема уставни измени, ако ЕУ не прави напори да притисне за ново решение и ако преговорите останат блокирани треба да се прекинат проектите за помагање на процесот, бидејќи ќе нема иднина, одговорот беше категорично „напротив“ – дека треба и да се зголемат, бидејќи најголем процент од граѓаните сакаат членство на земјата во ЕУ.

На крајот, иако оцени дека опаѓа ентузијазмот за проширување, тој смета дека нема ни драстичен отпор на проширувањето и покрај зголеменото присуство на екстремнодесничарските партии бидејќи, и покрај тоа што се силни во земјите, една или две имаат такви цврсти позиции во ЕП. И меѓу нив, смета тој, има политички разлики и не следат еден ист политички модел, споменувајќи ја како пример политиката на Џорџа Мелони и на австриската влада. 

Европратеникот Веслер пак порача дека треба да ја искористиме геополитичката ситуација сега која, според него, работи во интерес на нашата држава.