Ентони Тејлор главен судија на финалето во мундијалскиот бараж во Порто


Франција– Англичанецот Ентони Тејлор, кој ја делеше правдата во финалниот плејоф во Тбилиси во ноември 2020 година, кога македонската фудбалската репрезентација ја совлада Грузија (1-0) и обезбеди дебитантски настап на ЕУРО2020, е назначен за главен судија на финалето во мундијалскиот бараж во вторник во Порто во кој „црвено – жолтите“ со победа ќе изборат историски пласман на Светското првенство во Катар.

Искусниот 43-годишен Тејлор, кој од 2013 година суди со знакот на ФИФА, беше главен арбитер во финалето на Лигата на нации во октомври лани меѓу Шпанија и Франција, а го судеше и Суперкупот на УЕФА во 2020 година меѓу Баерн Минхен и Севиља.

Македонската фудбалска репрезентација и гостува на Португалија во вторник од 20:45 часот, на стадионот „Драгао“ во Порто, чиј капацитет од 50.000 седишта е распродаден.