Енрике нов тренер на ПСЖ


 Поранешниот предводник на Барселона и шпански селектор Луис Енрике е нов тренер на ПСЖ, објави вечерва актуелниот француски првак, кој претходно оваа недела му врачи отказ на Кристоф Галтие.

Енрике потпиша двегодишен договор со клубот од Париз, а покрај императивот од освојување на домашните трофеи, пред 53-годишниот Шпанец е и најголемиот предизвик – освојување на Лигата на шампиони.

„Не се сомневам дека ќе имаме одлична екипа. Мило ми е што му се приклучувам на клубот за да уживам во ново искуство. Многу е возбудливо да запознавате нови луѓе, да живеете во овој град, да научите нов јазик, и, пред сè, да го водите ПСЖ“, изјави Енрике на промоцијата.

Енрике од 2018 година беше селектор на Шпанија, со пауза кога тешко заболе и почина неговата малолетна ќерка. Со шпанската репрезентација на Европското првенство во 2021 година дојде до полуфиналето, а клупата ја напушти по поразот од Мароко во осминафиналето на Светското првенство во Катар во декември лани.