„Ени“ и „Новатек“ не најдоа нафта во крајбрежјето на Црна Гора

Производството на јаглеводороди на наоѓалиштето што го проби конзорциумот на компаниите „Ени“ и „Новатек“ во црногорско крабрежје нема да биде можно, бидејќи тоа, според концесионерот, е суво, изјави државниот секретар за енергетика и рударство во Министерството за капитални инвестиции Марко Перуновиќ.
Перуновиќ рече дека концесионерите стигнале до крајот на бунарот и собраните примероци ги испратиле во Милано, но дека извештајот се уште не е готов.
„Официјален извештај од нив не стигна, но имавме презентација на која нивниот менаџмент дефинитивно ни кажа дека порозноста и пропустливоста се основните карактеристики на наоѓалиштето, дека се многу неповолни и дека не се она што тие и ние ги очекувавме. Сметаат дека тој бунар е таканаречена сува дупка“, изјави Перуновиќ, пренесува „Мина бизнис“.
Што се однесува до производство од наоѓалиштето, тоа, како што рече, не е возможно.
„Ени и Новатек ќе работат на развојот на тоа наоѓалиште и ќе ја разгледаат миграциската патека на овие јаглеводороди. Ќе видиме дали ќе можеме да ги искористиме тие податоци и анализа за во следниот период да видиме дали тоа што го баравме постои на некој друг локалитет“, објасни Перуновиќ.