Енергетски форум: Иднината е во обновливите извори

Енергетиката, примената на обновливите извори на енергија и дигитализацијата се иднината на развојот на сите општество. Вложувањето во енергетскиот сектор и постепеното преминување кон обновливите извори на енергија се приоритетите кон кои треба да се насочат сите држави.

Ваква порака испратија учесниците на денешниот енергетски форум во Скопје кој поради пандемијата се одржува со ограничен број на присутни говорници и преку видеоконференциска врска.

Премиерот Зоран Заев, кој се обрати на отворањето на форумот, порача дека еден од приоритетните сектори на кои се фокусира Владата на среден и долг рок е вложувањето во енергетскиот сектор и постепеното намалување на употребата на јаглен како извор на енергија и преминување кон изворите на чиста енергија како што се водата, сонцето и ветерот.

– Во услови на здравствено-економска криза предизвикана од Ковид -19, покрај справувањето на ефектите од пандемијата, Владата и економските ресори прават максимални заложби и ја слеат состојбата во што најмногу се вложува во светот. Токму енергетиката и енергетската ефикасност заедно со дигитализацијата и сите други високи современи технологии се иднината на развојот. Во таа насока ние мораме да фатиме чекор со трендовите за да имаме економски напредок, рече Заев.

Посочи дека веќе се преговара за терминалот на течен природен гас во Александропулос, а од голема важност, според него, се и идеите за разработка на проектните документации за интерконектор со Косово и интерконектор со Србија, како и интерконектор меѓу Струмица и Петрич.

– Пред нас се бројни предизвици – национални и регионални кога станува збор за приклучувањето кон глобалната енергетска транзиција, новите технологии во обновливите извори, енергетската ефикасност, гасификацијата, но тоа се неизбежни инвеститициски процеси и проекти кои носат бенефит на долг рок, нагласи Заев.

Енергетските проекти имаат сериозен импакт врз целото општество и добро е тоа што Владата на Северна Македонија става акцент на енергетската ефикасност и на интерконекцијата со природен гас од Грција, оцени американската амбасадорка Кејт Брнс во видео обраќање.

Според неа, потребен е силен енергетски сектор кој ќе има различни извори на производство на електрична енергија со што ќе се зголеми конкурентноста и сигурноста во снабдувањето на електрична енергија.

– Во 2013 година беше изработена една студија која покажа дека Северна Македонија е меѓу петте држави кои се најзависни од гас. За жал, оттогаш работите не се променети и многу држави од регионот зависат од рускиот гас како енергенс, рече Брнс.

Денешниот енергетски форум го организираат Владата, Амбасадата на САД и ЗИП Институтот. Форумот започна пред три години како иницијатива за зајакнување на дијалогот меѓу Северна Македонија и САД во областа на енергетиката. Денес, форумот обединува на едно место претставници од институции и експерти кои дебатираат и разменуваат иксуства од областа на енергетиката.