Енергетската криза удира кај што е најтенко – поскапуваат лебот и белите печива
Нови цени за лебот најавија пекари во неколку градови во земјава, но бранот поскапувања на основниот прехранбен производ ќе се прошири и во други места
Три до пет денари – за толку се зголемува цената на лебот – основниот прехрранбен производ за најголемиот дел од македонската популација, за која новите цени ќе претставуваат значаен удар за животниот стандард. Иако во номинален износ поскапувањето не делува многу, тоа сепак е околу десет отсто во однос на досегашните цени кои се најдоа на удар на зголемените трошоци.
Нови цени за лебот најавија пекари во неколку градови во земјава, како Битола, Прилеп, Штип, Кочани…, но од асоцијациите на стопанствениците не исклучуваат бранот поскапувања на основниот прехранбен производ да се прошири и во други места. Сѐ зависи од залихите на суровините коишто ги имаат пекарите. Од посочените градови стигнуваат информации дека лебот од 450 грама кој се продаваше по 35 денари за векна, сега чини 40 денари, додека кај „народниот“ леб тип 500 зголемувањето е од 3 до 5 денари, што значи дека цената би достигнала 33 до 35 денари.
Мелничарите велат дека во изминатиот период се зголемени цените на суровините од коишто се произведуваат лебот и белите печива, при што како конретен пример се наведуваат цените на зејтинот и јајцата, а тука се и зголемените трошоци за дизелот и за бензините.
Од Групацијата на мелничко–пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија посочуваат дека станува збор за индивидуални одлуки на пекарите и дека немаат влијание на зголемувањето на цените на лебот и на белите печива.
„Секоја пекарница одлучува сама за себе врз основа на трошоците што ги има“, велат од групацијата.
Како зголемувањето на цената на лебот и на белите печива ќе се одрази на трошоците за живот, ќе покажат податоците за потрошувачката кошница и за инфлацијата во наредниот период.
Од Сојузот на синдикати и без овие најголеми зголемувања на основниот прехранбен производ посочуваа дека поскапувањето на потрошувачката кошница е многу поголемо од усогласувањето на минималната плата.
Според последните податоци од ССМ, пред актуелните зголемувања на цените, синдикалната минимална кошница за март 2026 година достигна 67.818 денари, што е за 436 денари повеќе од февруари, додека за четиричлено семејство кое живее под кирија во стан од 60 квадратни метри, основните месечни трошоци достигна 83.193 денари. Во првите три месеци од годината, синдикалната кошница бележи раст од вкупно 2.326 денари, што е над усогласувањето на минималната платѕа од 1.600 денари во март годинава.
Ова само покажува дека најзагрозените категории на населението, со новите поскапувања уште повеќе ќе се најдат на удар на цените.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на прашања на новинарите, рече дека Владата ја анализира состојбата со цената на лебот и ќе преземе мерки доколку се утврди дека има неоправдано зголемување.
„Ја анализираме состојбата, ќе го видиме инпутот и ќе видиме дали навистина има потреба од такво зголемување. Доколку има потреба, тогаш ќе кажеме дeка има потреба и ќе преземеме мерки, а доколку нема потреба, тогаш за тие што се однесуваат девијантно и непазарно, ќе бидат изречени глоби“, изјави Мицкоски.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на брифинг со новинарите рече дека цените на храната секојдневно растат, обвинувајќи го премиерот Мицкоски дека не презема мерки за да се заштити животниот стандард на граѓаните. Филипче посочи дека наместо да понуди конкретни мерки, Мицкоски се занимава со дефокус, напади и навреди кон СДСМ.
„Очигледно дека премиерот не оди во маркет и не пазари секојдневно. Ние предупредивме дека овој раст на цените на нафтата ќе повлече и ќе предизвика раст на цените на сите основни прехранбени продукти. Поскапува и лебот, бил од 33 до 45 денари, сега е од 35 до 55 денари значи за 5 до 10 %. Млекото од 78 на 85 денари, јајцата беа од 110 до 130 денари, сега се од 130 до 180 денари, зејтинот беше од 90 до 100 денари, сега е од 100 до 120 денари. Најмногу поскапување има кај овошјето и зеленчукот до 300 отсто поскапување“, рече Филипче.
Воедно, Филипче посочи дека и 600 евра не се доволно за граѓаните да ја надминат кризата, а сегашното минорно зголемување на миналната плата од 1.667 денари нема вредност.
„Во оваа скапотија 1.667 денари немаат апсолутно никаква вредност. Кошничката е зголемена во изминатиот три месеци за 2.500 илјади денари.Што може да се купи со 1.667 денари, 2 килограми домати, 2 килограми краставици, табла јајца и 4 литри бензин, толку“, рече Филипче.
Тој потсети дека пратеничката група на опозициската партија предложи сет мерки, за нула проценти ДДВ за основните прехранбени производи, намалување на акцизата на горивата за 4 денари и преполовување на патарините, како мерки кои ќе дадат реални ефекти и ќе го заштитат стандардот на граѓаните.
Премиерот Мицкоски денеска таквите предлози ги оцени како популистички и нереални.
Денеска и ММФ излезе со оцена дека енергетската криза во земјава ќе влијае врз намалување на прогнозите за раст на БДП, како и дека ќе се зголеми инфлацијата. ММФ прогнозра дека растот на БДП годинава ќе изнесува 3,1 отсто, а инфлацијата ќе се зголеми на 4,5 отсто.
Премиерот Мицкоски, пак, вели дека инфлацијата изминатите два месеца била една од најниските во Европа, но за разлика од минатите месеци кога излегуваше и пред Државниот завод за статистика со оптимистички прогнози, сега вели дека ќе треба да се почекаат бројките што ги објавува ДЗС.
„Ќе видиме сега што ќе се случи, отприлика околу 10 во месецот Државниот завод за статистика ги објавува бројките. Инаку, на терен е Државниот пазарен инспекторат и ја следат состојбата, имаме индикатори. Се подготвува нов закон за заштита на конкуренцијата во кој се предвидени многу поголеми глоби за оние трговци што се однесуваат девијантно и непазарно и зависно од тоа каква ќе биде реалноста, така и ќе постапуваме“, изјави Мицкоски. (М.Ј.)