Eнергетската криза нема да биде на грбот на граѓаните, вели министерот Бектеши


Фото: Б. Грданоски

 

Товарот од енергетската криза нема да биде на грбот на граѓаните, изјави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши. Тој уверува дека ќе биде обезбедено 24 часа снабдување со електрична енергија и редовно снабдување со топлинска енергија до крајот на грејната сезона во градот Скопје, а нема да има ни зголемување на цената на топлинската енергија. Од друга страна Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека враќањето на ДДВ на струјата на 10 отсто е во погрешно време и ќе ја зголеми цената за граѓаните.

Министерот Бектеши и Димитриеска Кочоска вечерва гостуваа во емисијата 24 Анализа на Телевизија 24.

„Точна е информацијата дека ДДВ-то ќе се зголеми на 10 отсто. И мора да ги известиме граѓаните дека 5 отсто беа како мерка од владата се со цел справување со енергетската криза и сега веќе согласно новите пресметки има простор тоа да се врати на 10 отсто, а да нема импакт на цената на електрична енергија и за домаќинствата и за малите потрошувачи“, рече Бектеши додавајќи дека речиси сите капацитети на државата се моментално во функција.

Бектеши најави дека во текот на утрешниот ден ќе има состаноци каде ќе се одлучува за цените кои треба ЕСМ да ги понуди кон универзалниот снабдувач во овој случај ЕВН Хоум кон електродистрибуција и кон МЕПСО. Корекција на цената секако ќе има. Цената за дистрибуцијата за пренос на струјата ќе биде намалена. – рече Бектеши.

Димитриеска Кочоска посочи дека допрва треба да се очекуваат ефектите од минусните температури и пораст на потрошувачката на струја.

„Што правиме со станбените згради каде се загреваат на струја и ќе надминат блок 1 и блок 2 тарифите дали се тие недомаќини“, прашаа таа. 

Димитриеска Кочоска вели дека не е во функција ниту комплетниот енергетски капацитет.

„Ако ја погледнете страната на ЕСМ ќе видите дека произвеле толку и толку, па потоа ги нема, па заокружуваат по три четири дена“, посочи таа.

„ЕЛЕМ не произведува доволно да ги покрие домаќинствата и малите потрошувачи“, рече Димитриеска Кочоска.