Енергетска криза и мерки на албанската влада за заштеда на струја


Заради заштеда на електрична енергија, албанската влада одлучи државната администрација да не работи и вчера, 21 март, ден пред празникот на Бектешката заедница, Султан Невруз, кој во земјата е неработен ден.
 

Врз основа на владината одлука, викендот за сите вработени во државната администрација започна во сабота и ќе трае до утре.

Во исто време премиерот Еди Рама најави дека се разгледува опцијата работа од дома, како во времето на карантинот, поради пандемијата со Ковид- 19, што би довело до голема заштеда на струја.

Албанија деновиве им нареди на сите градови на полноќ да го исклучат осветлувањето во јавните згради и уличното осветлување  поради енергетската криза предизвикана од сушата и скокот на цената на струјата.

Локалното производство на електрична енергија во Албанија зависи од хидроенергијата, а сушата во последните месеци ја влоши и онака лошата ситуација со електрична енергија во земјата.

Поради неповолната хидрологија акумулацијата на најголемата хидроелектрана ” Фиерза” според последните информации се наближува до критичниот минимум.

Владата соопшти дека ќе мора да потроши околу 550 милиони евра за увоз на електрична енергија.