Енергетска конфузија

Дали проектите имаат „фабричка грешка“, односно се скроени корист да имаат странските инвеститори или пак, отпорот кон нив доаѓа поради други интереси, било да се економски или политички?


Енергетските проекти во земјава немаат среќа да се придвижат кон нивната реализација. Најавувани со голема помпа како пресврт кон неопходната енергетска транзиција на земјава, сега се на до бар пат да бидат ставени ад акта или да чекаат подобри времиња. Или, во најмала рака да го чекаат конституирањето на новиот парламент и новата влада. Ако до тогаш заинтересираните стратешки инвеститори ги држи трпението и ако бидат подготвени на репреговарање на некои од веќе договорените услови.

Енергетските проекти во земјава требаше да бидат замаецот кој ќе ја придвижи економијата напред и ќе ги донесе неопходните инвестиции, ќе биде еден од лостовите за нов економски циклус, нови вработувања, ослободување од зависноста од увоз на електрична енергија и тн.

Но, работите не одат мазно како што би сакале нивните поборници.

Дали овие проекти имаат „фабричка грешка“, односно се така скроени корист да имаат странските инвеститори или пак, отпорот кон нив доаѓа поради други интереси, било да се економски или политички?

Одговорот на ова прашање во овој момент е тешко некој да го даде аргументирано. Се разбира, се нудат образложенија, но не и целосна анализа за предностите и недостатоците на проектите, иако и двете страни се согласуваат во едно – дека на земјава ѝ се неопходни инвестиции во енергетиката.

Тогаш како да се излезе од оваа енергетска конфузија?

Изградбата на централи кои ќе произведуваат електрична енергија од обновливи извори (сонце, ветер и вода), или на природен гас (како замена за постојните енергенти – јаглен и мазут) можеби се мал чекор за глобалните трендови во енергетиката, но бездруго се голем скок за домашниот енергетски амбиент (да се послужиме со парафраза на прочуената реченица на Нил Амстронг, астронаутот кој со Аполо 11 на 20 јули 1969 година стапна како прв човек на Месечината: „Ова е мал чекор за човекот, но голем скок за човештвото“).

Парафразирањето не е случајно. Деновиве бевме сведоци на првата успешна мисија на Месечината која ја реализираше приватната компанија „Интуитив машинс“ чие летало „Одисеј“ сега праќа информации од природниот земјин сателит и ќе послужи како основа за идни мисии и подоцна за проекти кои се дел од вселенската програма на НАСА, вклучувајќи и испраќање човечки екипаж на Месечината планиран за 2026 година.

По тој повод, првиот човек на американската државна вселенска агенција НАСА, администраторот Бил Нелсон, инаку поранешен сенатор, изјави дека овој успех ги покажува моќта и потенцијалот на комерцијалните партнерства со НАСА. „Честитки за сите вклучени во овој голем и смел потфат на ‘Интуитив машинс’, ‘СпејсИкс’ и овде во НАСА. Каква победа. ‘Одисеј’ ја освои Месечината“, рече Нелсон.

За момент да замислиме (иако тоа секому е јасно дека е невозможно) дека нешто слично се спроведува во нашата земја.

Поучени од примерите со „Чебрен“, или актуелните стратешки инвестиции кои се предмет на дебата, но и други пропаднати енергетски проекти изминатите години, многу лесно би можело да се случи дека дури и таков потфат кај нас би наишол на бројни отпори, расправии дека е подобро тоа да го прави државата сама, без приватни инвеститори, дека приватниците само ќе го соберат кајмакот, дека државата ќе ја загуби вселенската самостојност и слично. Или, можеби ќе преовладеше фактот дека сепак, во оваа замислена ситуација во играта нема странци, туку станува збор за домашни приватни инвеститори.

Оваа споредба секако нема за цел да ги намали грижите кои јавно се споделуваат околу енергетските проекти, како на пример, дека државната помош за некои од нив се дава двократно или повеќектратно, дека договорените услови се на штета на државата и дека ќе плаќаме поскапа струја, и тоа на странци.

Особено е силна асоцијацијата дека на Македонија може да ѝ се случи нова „Окта“ бидејќи договорите предвидуваат и долгорочна обврска за купување на произведената електрична енергија.

Со договорот за „Окта“, Македонија се обврза да купува мазут кој не ѝ беше потребен, односно не можеше да го потроши, а пенали плаќаше дури и кога рафинеријата објективно не беше во состојба да го испорача договореното количество.

Отпорите кон дел од овие проекти не доаѓаат само од надвор. И во самата владина коалиција има различни видувања за еден, односно за два од четирите проекти, пред сѐ оној за когенеративната централа на „Митилинеос“ во Скопје.

За ова јавно зборуваше и министерот за економија Крешник Бектеши, кој најави дека ќе побара да се расправа на Влада и да се донесе одлука овие договори да се репреговараат.

Според сознанијата, до сега барем на две или три владини седници имало дискусија, но не е донесена никаква одлука. Тоа би можело да се случи на наредната седница идниот вторник, или ден два подоцна кога владината делегација на чело со премиерот Талат Џафери која ќе присуствува на конференцијата на Европската банка за обнова и развој, ќе се врати во Скопје.

Ваквото разногласие во Владата веројатно беше и причината зошто ненадејно беше одложена седницата на собраниската Комисија за економски прашања.

Иако првично беше најавена, во четвртокот беше тргната од најавите седницата на Комисијата за економски прашања на која како точки на дневен ред беа предлозите на законите за реализација на стратешките инвестициони проекти „Соларен парк Стипион“, Соларна електрична централа – Пехчево, АИМ „Греен тецх“ и „Митилинеос“ когенеративна постројка Скопје, сите по скратена постапка.

Претходно, отвороено писмо до пратениците со јасна порака да не ги гласаат законите упатија и од Здружението на инженери. Од ова здружение, кое не е сосема јасно од какви побуди настапува, со сите сили се настојуваат да ги оневозможат овие проекти, со тврдењето дека се штетни за државата.

Со истите аргументи Здружението настапи и за проектот „Чебрен“, кој како што е познато, заврши неславно. Дали повлекувањето на грчкиот инвеститор беше поради ваквите отпори, или поради тоа што не го доби она што го бараше екстра од Владата (дополнителни поволности, кои според владините претставници, доколку се прифатеа би ги довеле во нерамноправна ситуација другите заинтересирани за тендерот за „Чебрен“).

Сега тоа и не е толку важно. Она што е јасно, е дека проектот „Чебрен“ нема да се реализира во догледно време. Не само поради долгите постапки за организирање и спроведување меѓународен тендер. Дури и да се прифати барањето „Чебрен“ да се изгради со домашни сили, односно во него да инвестира државата, за тоа ќе бидат потребни многу пари и многу време, настрана различните интереси кој да добие поголемо парче од колачот, што е редовна состојба кога кај нас државата се јавува како инвеститор.

Изборите се ближат, а времето потребно да се расчисти конфузијата околу енергетските проекти сѐ побрзо истекува.

Можеби тоа некому му е целта. Македонија можеби ќе биде „спасена“ од евентуално штетни договори, но тоа нема да го реши нејзиниот основен проблем – енергетската зависност, кој напротив, само ќе се зголеми.

Бидејќи, времето за напуштање на јагленот и мазутот како енергенти завршува, набрзо земјите кои што ги користат ќе треба да плаќаат огромни пенали што ќе ги направи домашните компании уште понеконкурентни. Да не зборуваме за ефектите врз животната средина.

Македонија има долгогодишно искуство на одвраќање на странски инвеститори. Да ги споменеме само проектите „Ауди“, неуспешниот влез на тутунските гиганти (кои потоа инвестираа во соседните држави), но и во областа на енергетиката, во текстилната индустрија (проектот „Веибо“)… Се разбира, не недостигаат и спротивни примери на штетни договори кои државата ја чинат милиони евра (како „Окта“), или на крајно сомнителни ликови , како што беше Субрата Рој, но и други кои дефилираа и ветуваа „брда и долини“, дизниледи и други шарени лаги, сите тие со поддршка на владини претставници.

Сето ова зборува дека за инвестициските проекти се неопходни сериозни филтри од страна на државните институции, но и поголема решителност откако ќе се направат анализите, тие да се реализираат и парите да завршат кај нас, а не во некоја од земјите во соседството.